1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик за масовни протести

Хајде Раше / Елизабета М. Фиданоска8 декември 2013

Во Киев денеска треба да се соберат околу 300.000 демонстранти кои ќе бараат приближување на земјата кон ЕУ. Во меѓувреме, во Украина се‘ погласно се поставува прашањето - како натаму на Мајдан и во земјата воопшто?

https://p.dw.com/p/1AUyW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Луѓето кои со денови на ниски температури и снег се собираат на плоштадот на незaвисноста во Киев - Мајдан, од вчера имаат нова химна. „Никој не знае како натаму на Мајдан, никој не знае што да се прави“ пее групата со име „Прво слушање“. Едно од прашањата со кои се соочуваат музичарите гласи: „Колку долго ќе издржиме на температури под нулата?“

Прашањето како да се постапува натаму треба да биде oдговорено во текот на денешниoт ден (8.12), за време на големите дeмонстрации на Мајдан. Опозицијата се надева на поддршка за нејзиниот стриктен курс против актуелната влада, вели опозициониот пратеник Олег Тјањибок: „Тие мора да направат отстапки. Ние сме подготвени да седнеме, да разговараме и да договориме патишта за излез од кризата. Но како да се почнат преговори со властодршците кога тие не казнуваат злосторници?“

Според него, треба да се казнат одговорните за крвавите судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите во Киев што се случија пред една недела. Опозицијата е уверена дека владата ангажирала провокатори. Сега заедничка комисија од владата и опозицијата, со посредство на Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, треба да се погрижи за расчистување на причините и одговорните.

Ukraine Proteste
Како натаму?Фотографија: DW/O. Sawitsky

„Земјата мора да работи“

Владата во моментов се обидува да ги убеди демонстрантите да го завршат протестот и да заминат дома, употребувајќи тактика на морков и стап. Украинскиот вицепремиер Сергеј Арбузов предупреди на опасноста од економските штети за земјата во која ситуацијата и онака не е розова. „Нашите залихи се доволни за определен период, но земјата мора да продолжи да работи. Ако студентите не одат на предавања, ако луѓето не одат на работа, тогаш брутодомашниот производ не расте, обртот се намалува, што, се разбира, е почеток на крајот“, вели Арбузов.

Премиерот Микола Азаров на опозицијата и‘ понуди разговори за заедничко решавање на проблемите во земјата. „Досега опозиционите лидери немаат одговорено на нашите предлози за почеток на вакви преговори. Дури имаме и информации дека овие политичари за жал не се на врвот на Евромајдан.“

Опозицијата се надева на 300.000 демонстранти

Евромајдан - така граѓаните на Киев во меѓувреме го нарекуваат својот централен плоштад Мајдан, затоа што тука се демонстрира за приближување на земјата до ЕУ. Не сите што демонстрираат се приврзаници на опозиционите партии. Многумина едноставно сакаат да го изразат своето незадоволство од состојбата во земјата и да протестираат против приближување на Украина кон Русија.

Ukraine Proteste Kiew 7.12.13
Вчера беа 10.000, денеска се очекуваат триесет пати повеќе демонстрантиФотографија: DW/A.Sawitsky

Опозицијата вчера го разгоре уште повеќе ваквото незадоволство со тврдењето дека претседателот Виктор Јанукович се обидува да ја продаде земјата на Русија и дека дури планира, без претходен договор со парламентот, приклучување на Украина во царинска унија со Русија, Белорусија и Казахстан .Иако и Русија и Украина ги демантираат ваквите информации, во Киев веќе во текот на вчерашниот ден се демонстрантрираше против евентуални такви намери. Вчера во центарот на Киев имаше околу 10.000 луѓе кои протестираа. Денеска, барем така се надева опозицијата, треба да бидат повеќе од 300.000.