1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата предложи кандидати за претседател на ДИК

Александар Чомовски7 април 2006

Од тројца предложени кандидати најголеми шанси има Мирјана Најчевска,претседател на Македонскиот Хелсиншки комитет.Груевски и Бучковски денеска не ја потврдија нејзината кандидатура.

https://p.dw.com/p/AdeX

Правникот и доктор по социолошки и политичко правни истражувања Мирјана Најчевска е меѓу тројцата кандидати за претседател на важната нова Државна изборна комисија.Резервите во опозициската ДПА околу нејзината номинација по синоќешните разговори меѓу лидерот на ВМРО ДПМНЕ Груевски и Тачи од ДПА се отстранети утринава по телефонскиот разговор меѓу Груевски и лидерот на ДПА Џафери.

Но,и по денешната средба меѓу Груевски и премиерот Бучковски не е соопштено кое име од опозицијата власта ќе го поддржи за претседател на ДИК,и колкави се шансите на претседателот на Хелсиншкиот комитет,Мирјана Најчевска.

-Дали сме се договориле пред три дена,денеска или утре,не ја менува ситуацијата,во секој случај нашиот предлог го кажавме,се работи за личност со силен интегритет,со висок степен на познавање и експертиза во оваа област,така што веруваме дека ќе биде прифатливо за другата страна,рече Груевски.

-Ако овој предлог не биде прифатен,ќе ги продолжиме консултациите,но како што се договоривме,не смееме да споменуваме ниту една од личностите додека ја немаме завршено процедурата на усогласување.

-Јас ви реков дека по ова следи мојата консултација во рамките на СДСМ,потоа има седница на владата,ќе ја искористам таа можност,имам и телефонска консултација со господинот Ахмети,со членовите на владата од ДУИ за што е можно побрзо да го информирам претседателот на ВМРО ДПМНЕ,господин Груевски дали го имаме предлогот за претседател на ДИК,изјави премиерот.

За премиерот Бучковски предлогот за иден претседател на ДИК е прифатлив и тој има позитивно мислење.До в сабота ќе се знае и составот на останатите шестмина членови на ДИК со професионален ангажман.Изборот преку конкурс со двотретинска согласност од Парламентот треба да заврши наредната недела.