1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата ќе учествува на локалните избори

К. Блажевска/дв1 март 2013

Опозициската коалиција предводена од СДСМ ќе учествува на претстојните локални избори, а нејзините пратеници ќе се вратат во работата на парламентот. Ова е резултат од посредништвото на европската тројка

https://p.dw.com/p/17orD
Фотографија: MAKFAX

На локалните избори на 24 март ќе учествува и опозициската коалиција предводена од СДСМ. Пратениците на опозицијата ќе се вратат и во работата на парламентот. По локалните избори ќе се разговара за евентуално организирање на предвремени парламентарни избори. Ова е договорот постигнат по повеќечасовните преговори кои ги водеше европската тројка- комесарот за проширување Штефан Филе, известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит и пратеникот Јержи Бузек со македонскиот државен и партиски врв.

Договорено е експресно да се формира комисија за настаните од 24 декември минатата година во парламентот, а во неа ќе има двајца преставници од опозицијата, двајца од власта кои со консензус треба да изберат претседател на комисијата независен експерт. Комисијата во рок од 60 дена треба да даде извештај за настаните од „црниот понеделник“.

Веста ја потврдија и Филе и Хауит. Одговорајќи на новинарско прашање дали постигнатиот договор подразбира можност и за одржување предвремени парламентарни избори, известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит, одговори потврдно, но не прецизира кога тие би можеле да се случат.

Mazedonien- Stefan Füle und Nikola Gruevski
Штефан Филе и Никола ГруевскиФотографија: MIA

Според информации на ДВ, опозициската СДСМ во недела се враќа во парламентот и на таа итна седница ќе се гласа за поместување на рокот за поднесување кандидатски листи за уште 5 дена.

Претходно, од утрово траеја разговорите на европската тројка, најпрво со премиерот Никола Груевски и со лидерите на СДСМ и ДУИ Бранко Црвенковски и Али Ахмети, а попладнево сите се собраа на заедничка средба во вилата Водно кај шефот на државата Ѓорге Иванов.