1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опсежна агенда - без конкретни договори

29 јули 2009

На дневен ред на средбата меѓу САД и Кина беа меѓународната економска криза, енергетската и климатската политика, како и глобалните кризни жаришта. Средбата мина во знакот на запознавање и испитување на позициите.

https://p.dw.com/p/IzRC
Кинеско - американски форумФотографија: dpa

Меѓу најмоќната индустриска нација и финансиски најсилната земја во подем владееше единство, пред се’ за тоа дека во контекст на економската и финансиската политика е неопходна поблиска соработка. И двете страни се свесни дека нивните постапки влијаат врз светското стопанство. Затоа, тие сакаат да продолжат со политиката на пораст, но под друг предзнак. САД сакаат посилно да ги регулираат финансиските пазари, а Кина, пак, да ја засили домашната потрошувачка. Билатералните трговски односи треба да бидат надградени, светската трговија засилена. Кина има намера да продолжи да се отвора и да допушти странски инвестиции со државни обврзници.

Промените не можат да се случат преку ноќ

Американскиот министер за финансии Тимоти Гејтнер рече: „Се согласивме околу рамките, за да поставиме темел за траен и урамнотежен пораст меѓу нашите земји и во светската економија.“

Dialogforum U.S.-China Strategic and Economic Dialogue
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Промената од извозно ориентиран пораст кон засилена домашна побарувачка - и со тоа поинакви трговски односи со САД, Кинезите секако не можат да ја постигнат преку ноќ, смета Денис Вајлдер, одговорен за Блискиот исток во Националниот совет за безбедност и поранешен советник на екс-претседателот Џорџ Буш. „Кинезите, за време на разговорите, сигурно кажаа дека тоа е долгорочен проблем и оти за нив нема да биде едноставно да го преориентираат стопанството. Но, многумина Кинези осознаваат дека мораат да почнат.“

По разговорите за политика во однос на климата обете страни потпишаа изјава за намери, со која главно беше утврдена желбата за поблиска соработка во областите промена на климата, заштита на животната средина и обновливи енергии. Конкретни цели не беа утврдени.

Широка палета на надворешнополитички теми

И кај надворешнополитичките теми обете страни останаа на ниво на уверување во желбата за посилна соработка. Наесен треба да се одржат билатерални разговори за борба против тероризмот, а треба да биде зајакната и воената соработка. Претседателот Обама уште годинава ќе патува во Кина. Листата на надворешнополитичките теми за кои се зборувало е долга - од Северна Кореја, преку Авганистан и Пакистан до Иран и Блискиот Исток. Во поздравниот говор, претседателот Обама предупредил на потребата од гарантирање на човековите права, истакна американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон. „Разговаравме за редица прашања поврзани со човековите права, исто така и за ситуацијата на Ујгурите во Ксинџијанг и ги изразивме нашите задршки. Имавме добра размена на гледишта,“ истакна Клинтон.

USA China Gespräche
Вицепремиерот на КинаФотографија: AP

Според кинескиот вицеминистер за надворешни работи Ванг Гуанѓа, пак, американските официјални претставници ги оцениле судирите од почетокот на јули во Ксинџијанг како „внатрешна работа на Кина“.


Автор: Кристина Бергман / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска