1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимизам за деловните перспективи, критики за локалните услови

Костадин Делимитов24 април 2013

Оптимистички прогнози, но и критики за состојбите во македонската економија, изнесоа претставниците на германските компании денеска во Скопје. Позитивни трендови во делот на инвестициите и извозот.

https://p.dw.com/p/18MAX
Фотографија: Fotolia/Minerva Studio

Германските инвеститори во Македонија со оптимизам гледаат на 2013 година. Резултатите од најновата анкета на Македонско-германското стопанско здружение покажуваат позитивен тренд во делот на инвестициите и извозот. Половина од анкетираните компании планираат зголемување на инвестициите и раст на извозот. Сепак, и покрај констатираните подобрувања во споредба со 2012, остануваат критиките за општите рамковни услови од кои зависи динамиката на развојот на бизнисот. И покрај подобрувањата во споредба со минатите години, економските и политички услови се’ уште се оценуваат како негативни, истакна Михаел Шмит директор на Асоцијацијата на германските комори:

„Под итно треба да се преземат мерки за подобрување на правниот систем, ефикасноста на јавната администрација, пристапот до државна и ЕУ поддршка и процесот за влез во Унијата. Потребен е поголем фокус на подобрување на овие рамковни услови, кои од почетокот на спроведувањетро на анкетата се оценуваат лошо“, предупреди Шмит.

Позитивно во анкетата е што е намален бројот на компаниите што очекуваат влошување на економската состојба, а зголемен на оние што планираат инвестиции и отворање нови работни места. Дури 90% од анкетираните повторно би инвестирале во Македонија. Интерес постои и од страна на нови компании, кај кои сепак клучниот предуслов за инвестирање покрај добрата деловна клима сепак е и големината на пазарот.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung
Државата останува најголем работодавачФотографија: DW

„За поздравување е што напорите на Владата за привлекување на странски инвестиции ги даваат првите резултати. Не радува фактот што две големи германски компании од автомобилскиот сектор минатата година одлучија да инвестираат во Македонија. Исто така германски компании учествуваат во реконструцијата на РЕК Битола, обновата на железничката пруга и модернизација на сообрачајната сигналкизација во Скопје. Овие компании можат да послужат како добар пример за натамошни германски инвестиции, изјави Матијас Ханел претседател на Македонско-германското стопанско здружение.

Дел од проблемите остануваат

Германскиот амбасадор во Македонија Гудрун Штајнакер ги поздрави резултатите од анкетата, но истовремено и предупреди на локалните фактори кои ги детектира како проблематични:

„Проблем е задолжувањето, интересен е фактот дека државата останува најголем работодавач во земјата, јавната администрација се зголемува, но не станува ефикасна. Исто така забележувам и една дискрепанца помеѓу локалната власт и централната Влада“, предупреди Штајнакер.

Македонско-германското стопанско здружение е основано во 2000. година по иницијатива на Унијата на германските комори за индустрија и трговија од Берлин. Со своите 170 компании членки тоа претставува најголемо билатерално здружение во Македонија кое има значајна улога во економските односи помеѓу Македонија и Германија.