1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општинските обврзници- меч со две острици

4 декември 2010

Општините во Македонија со обврзници во иднина ќе можат да обезбедат „свеж“ капитал за инвестиции. Овие обврзници би можеле да бидат спасоносен инструмент но и потенцијална бомба за невнимателните, велат експерите.

https://p.dw.com/p/QKnj
Струмица е една од општините што има кредитен рејтинг да издава обврзнициФотографија: Petar Stojanovski

По средбата на Управниот одбор на Заедницата на општини со премиерот Груевски и ресорните министри минатиот месец, Министерството за финансии ги уважи барањата на градоначалниците и најави воведување обврзници на локалните самоуправи, како нов извор за привлекување „свеж“ инвестиционен капитал за изградба на нивни крупни комунални инфраструктурни објекти. Издавањето вакви хартии од вредност е предвидена и со законот за финансирање на локалните самоуправи уште од пред шест години, но, тоа не се случило досега од најразлични причини.

Обврзниците со позитивни и негаитвни ефекти

Дојче веле праша неколку експерти и градоначалници: Зошто? Исто така, и: кои позитивни, а кои евентуално и негативни ефекти можат да се очекуваат од овие обврзници, кои се очекува да бидат емитувани од дел од општините во првата половина на 2011 година?

Градоначалникот на Струмица Зоран Заев истакнува : Секако дека претставуваат и неактивирана бомба во рацете на градоначалниците и советите на општините, ако се користат за било што друго, само не за капитални инвестиции, кои ќе создаваат приход. Можно е нерационално користење на ваквите нови методи за задолжување, но заради непродуктивни расходи. Што се однесува до Струмица, ако таа се реши да емитува свои обврзници, тоа нема да биде до максимумот, кој се дозволува со законот. Најмногу до три милиони евра како вкупна вредност на емисијата.“

Преку контролите ќе се спречува банкрот на општина поради издадени обврзници

Енвер Пајазити, градоначалник на селската општина Брвеница во тетовскиот регион изнесува една од причините зошто не се впуштаат во издавање свои обврзници општините, особено не селските: „Селските општини не би можеле да се впуштаат во ваков вид финансирање, бидејќи обврзниците се на некој начин несигурни, ризични извори на средства. Ризични затоа што тие ќе се задолжуваат преку тие обврзници, што значи дека локалните самоуправи можат утре да се најдат и во ситуација на банкрот, ако се презадолжат.“

Platz in Veles, Mazedonien
И Велес има кредитен рејтниг за обврзнициФотографија: Petar Stojanovski

Абдулменаф Беџети, експерт за јавни финансии од Економскиот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово уверува: „Малку е можно да се случи ваков ризик. Не може општината толку да западне во банкрот, затоа што има систем на евалуации, на проценувања. Постои институционална евалуација, која ја вршат стручни и компетентни агенции, но во втор ред и Министерството за финансии.“

Саво Ашталковски, професор по предметот „Финансирање на локалната самоуправа“ на Економскиот факултет на ФОН универзитетот во Скопје, ја поддржува најавата за првите вакви обврзници, но и предупредува: „Треба да внимаваме ина можните контраефекти, кои можат да се случат. Државните институции треба да го следат издавањето општински обврзници преку динамичка контрола, за да не настане ситуација одделни локални самоуправи да не ’влетаат’ во презадолженост.“

Се наметнува уште едно прашање: кој ќе ги враќа долговите на општините, кои издале обврзници, ако не бидат во можност да ги исплатат во достасаниот рок?

Струмица и Велес веќе добија кредитен рејтинг да издаваат обврзници

Професорот Беџети одговара: „Зад сето тоа стои државата. Затоа во врска со нив постојат ограничувања. Првата шанса да издаваат свои обврзници ја имаат општините со поголем фискален капацитет да позајмуваат пари на ваков начин. Тоа е законски предвидена можност. Но, треба прво да се оцени од соодветна независна институција, или агенција дали имаат општините таков капацитет, дали една општина располага со кредитна способност тоа да го прави. Досега таква проценка има направено само општина Струмица, а сега се врши проценката на кредитната способност и на 3 – 4 други општини. Таква постапка е веќе започната и за општина Гостивар.“

Во јавноста се актуелизира и дилемата: дали централната власт со стартот на тие вредносни хартии им дава повеќе простор за финансиско работење на општините, тие да имаат повеќе сила самите да се справуваат со своите развојни и други потреби, или, пак, можеби само централната власт со тоа само крева раце од локалните самоуправи?

Градоначалникот Заев вели: „Се надевам дека Владата не гледа преку обврзниците начин како да ги ’припокрие’, односно да ги алиментира своите финансиски обврски кон општините што доаѓаат од централната власт во вид на блок – дотации, капитални дотации, или слично.“

Професорот Ашталковски напоменува дека немаат сите општини еднаков фискален капацитет, оти не се сите меѓу нив доволно атрактивни со своите обврзници за потенцијалните инвеститори – купувачи на хартии од вредност: „Затоа, централната власт, под чија контрола треба да биде спроведувањето на овој проект, нема да дозволи реализирање на сите проекти од сите општини, кои би сакале да си го финансираат развојот преку издавање свои обврзници.“

Пред неколку години во Македонија престојуваше Хорхе Мартинез – Васкез, експерт за фискална децентрализација од Универзитетот за политики во Џорџија, САД, и тој тогаш предложи: „Треба да се основа фонд за порамнување, кој ќе им помага на оние општини, кои немаат никакви, или само минимални шанси самите да се финансираат од сопствени извори, а кои не ќе можат тоа воопшто да го прават со емитувањето свои обврзници. Таквиот фонд треба да го покрие јазот меѓу потребите на општината и нејзината можност да создава финансиски средства.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски