1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан: Македонија мора да стане членка на НАТО и ЕУ

ЖА/миа5 декември 2013

Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека Европа мора да го смени својот однос кон Балканот, кој не е проблем, туку можност на Европа, а Македонија има клучна улога за стабилноста и треба да стане членка во НАТО и ЕУ

https://p.dw.com/p/1ATa8
Фотографија: Reuters

Европа мора да го смени својот однос кон Балканот, а Македонија има клучна улога за стабилноста и ако сакаме стабилност на Балканот, Македонија мора да стане членка во НАТО и ЕУ, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан (на фотографијата) на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин, премиерот Никола Груевски.

„Во изминатите години Европа многу загуби од својата тежина, и мора да се позабави со изнаоѓање начин да го врати своето влијание во светот, а тоа најдобро може да го направи со Балканот“, истакна унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој додаде дека поддршка не треба да е само резултат на симпатии, туку и интерес. Премиерот Никола Груевски истакна дека Унгарија е искрен пријател на Македонија со која постојат одлични политички и пред сѐ пријателски односи, а денешната посета на високо ниво е уште една потврда за тоа. Тој подвлече дека особено ја цени поддршката на Унгарија и на Вишеградската група за приемот на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Од премиерот Орбан и во оваа пригода добивме потврда дека поддршката од Унгарија за што поскоро отпочнување на пристапните преговори на РМ со ЕУ ќе продолжи со ист интензитет“, додаде Груевски.

Во фокусот на средбата била и економската соработка. Орбан се осврна на спогодбите кои беа потпишани во Владата и на бизнис форумот кој треба да се одржи денеска со учество на над 30 унгарски компании. Очекува, вели, тоа да биде добра можност за нивно запознавање со македонски компании и да споделат искуства кои може да им бидат од заемна корист.

„Не доаѓаме како империјалисти, туку сакаме да соработуваме во оние области каде вие имате интерес затоа што сакаме да ви помогнеме во проектите кои се спроведуваат во Македонија и да ви ги пренесеме нашите искуства во полето на земјоделството, водостопанството, преработката и рециклажа на отпадни материјали, и каде можеме да придонесеме во изградбата на стопански капацитети во Македонија“, рече унгарскиот премиер.

Унгарскиот премиер попладнево ќе биде одликуван од македонскиот претседател Ѓорге Иванов со орден „8-ми Септември“ како докажан пријател на Македонија.