1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан сака да си ја обезбеди власта

Кено Ферзек / Елизабета Милошевска Фиданоска28 ноември 2012

Опозиционите партии и граѓанските здруженија во Унгарија со месеци протестираа попусто - владејачката партија во Унгарија, Фидес, ја донесе контроверзната реформа на изборното право.

https://p.dw.com/p/16r1N
Фотографија: AP

Според новите правила, унгарските избирачи во иднина мора да се регистрираат доколку сакаат да гласаат. Владејачкото мнозинство смета дека изборната реформа ќе го поедностави составувањето на изборните списоци. Парламентарната опозиција критикува дека обвската за регистрација на избирачите е скриено ограничување на избирачкото право, поради тоа што посиромашните, помалку образованите и неодлучните луѓе на тој начин ќе се држат „подалеку од изборните кутии“.

Активистот за човекови права и претседател на здружението „Мила“, Петер Јухас, изборната реформа ја нарекува „обид на премиерот Виктор Орбан и неговата партија административно да ја всидрат својата изборна победа“.

Според новите правила, изгласани во понеделникот вечерта (26.11), избирачите мора да се регистрираат секои четири години или лично во својата општина, или, доколку имаат електронски потпис, да се регистрираат преку интернет. За регистрација преку интернет граѓаните со право на глас претходно треба да обезбедат дозвола. Регистрацијата мора да е завршена најдоцна две недели пред парламентарните избори. Таа важи како за парламентарните, така и за локалните и за европските избори. Унгарците кои живеат во странство, меѓу нив и околу три милиони припаднци на унгарските малцинства во Романија, Србија, Словачка и Украина, а кои од 2010 година имаат право на глас, може да се регистрираат со писмо.

Ungarn Wahlen 2010
Регистрацијата на избирачите е задолжителна - опозицијата жестоко ја критикува реформатаФотографија: AP

Покрај обврската за регистрација на избирачите, со изборната реформа се воведува и ограничување на можностите за водење кампања. Партиите и кандидатите во иднина не смеат да се рекламираат на приватните радио и телевизиски станици, како и во локалните печатени медиуми. Минатата година, во рамки на реформа на изборниот систем, наново беа определеувани изборните единици и беше преполовен бројот на пратенички места во парламентот. Критичарите оценуваат дека на овој начин се фаворизираат големите партии, како што е Фидес.

„Шлаканица за демократијата“

И околу актуелната изборна реформа со месеци се водат контроверзни дебати. Не само опозиционите политичари, туку и многумина правници и експерти по изборно право оценуваат дека регистрација на избирачите не е неопходна. Земјите кои имаат такво правило, како што се САД, немаат централен регистар, а таков во Унгарија постои.

Претставниците на владејачката партија ја отфрлаат критиката. Пратеникот на Фидес, Гергеј Гујаш, смета дека е „неприфатливо“ реформата на изборното право да се нарекува недемократска и спротивна на правната држава.

Ungarn Wahlen Fidesz Viktor Orban
Со реформата се фаворизираат големите партии, оценуваат критичарите (фото: Виктор Орбан)Фотографија: AP

Заменикот шеф на пратеничката група на Социјалистичката партија, Јожеф Тобијас, изборната реформа ја означи како „шлаканица за демократијата“, додека неговиот колега Тамаш Харангозо зборуваше за „глупав обид да се влијае врз резултатите од изборите“. Опозиционите партии и повеќе граѓански здруженија најавите протести против реформата во наредните денови и недели.

Изборната коалиција „Егјут 2014“ (Заедно 2014 н.з.) во која се собрани познати опозициони политичари, интелектуалци, синдикалци и активисти за граѓански права, наскоро во рамките на кампања што ќе се спроведува ширум земјата ќе ги повика избирачите да се регистрираат во што поголем број. Само така, според оваа коалиција, може да се победи на изборите и да се укине обврската за регистрација на избирачите.