1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орден за заслуги за Тоше Проески

24 јануари 2011

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов постхумно го одликува Тоше Проески со Орден за заслуги на Македонија. Во таа чест, како што е најавено, утревечер (25.01.11) ќе се одржи хуманитарен концерт во Скопје.

https://p.dw.com/p/101Ta
Тоше Проески загина утрото на 16-ти октомври 2007-ма годинаФотографија: Macedonian Information Agency

Орденот на Тоше Проески, како беше соопштено од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, се доделува поради високите дострели во неговата професионалната музичка дејност, како и неговите активности на хуманитарен план. „Со ова, Тодор Проески даде исклучителен придонес за афирмација на Република Македонија во светот“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Tose Proevski
Тоше Проески имаше богата музичка кариераФотографија: DW / Nebojsa Jakovljevic

Проески е роден на 25-ти јануари 1981 година. Во неговата музичка кариера останаа забележани настапот на Евровизија 2004 со песната „Ангел си ти“, победата на Беовизија во 2003-та со „Чија си“, прво место на „Славјански Базар“ во 2000-та година со „Тајно моја“, како и гранд-при наградата на Хрватскиот радиски фестивал со песната „Вежи ме за себе" (Врзи ме за себе) во 2007-ма година.

Зад себе Проески ги остави и албумите „Некаде во ноќта“, „Синот Божји“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Ден за нас“, „По тебе“, „Божилак“ и „Игри без граници“.

Тоше Проески загина утрото на 16-ти октомври 2007-ма година во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Загреб – Липовац, во близина на Нова Градишка, Хрватска. Владата го прогласи Проески за Заслужен граѓанин на Македонија, а денот на погребот, 17-ти октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост.

Постхумно се објавени албумите „The hardest thing“ (Најтешкото нешто) и „Још увек сањам да смо заједно“ (Се’ уште сонувам дека сме заедно).

Автор: СН/ АТ/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска