1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Основачки конгрес на партијата која е против еврото

ЕМФ/ард/дв14 април 2013

Повеќе од 1500 членови на партијата Алтернатива за Германија, која е еврокритична, во Берлин одржуваат основачкиот конгрес. Партијата бара крај за еврото и смета дека враќање на германската марка е можно!

https://p.dw.com/p/18Fca

Во партијата Алтернатива за Германија има многу поранешни приврзаници на партијата на Меркел, Христијанско-демократската унија. Германија, според оваа евроскептична партија, треба да одбие да им дава натамошни кредити за помош на земјите во криза, со што би се предизвикала распад на еврозоната. Партијата смета дека враќањето на германската марка е можно и бара поголеми компетенции за националните парламенти во рамките на ЕУ.

Алтернатива за Германија стреми кон влез во Бундестагот. Според сопствени наводи, во партијата веќе се доставени 7500 барања за членство. Партијата го отфрла обвинувањата дека има некакви десно популистички тенденции. Портпаролот Бернд Луке смета дека партијата би можела да има добри позиции кај избирачите „нормални даночни обврзници“, значи кај граѓаните „кои се загрижени поради тоа што очекуваат зголемување на даноците и инфлација, во случај еврокризата да продолжи како и досега“.

Политичарите се нервозни

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле демонстрира опуштеност, но свесен е дека голем број граѓани имаат критики на сметка на ЕУ. Сепак, според него, мнозинството од населението во Германија знае да ги цени предностите на европското обединување и заедничката валута.

Шефот на пратеничката група на опозиционите социјалдемократи, Франк-Валтер Штајнмајер во интервју за „Велт ам Зонтаг“ вели дека новата партија ја користи популистички кризата во Европа и „не е безопасна за партиите кои го чуваат европскиот разум“. Шефот на Зелените Јирген Тритин ја обвини Алтернатива за Германија дека им штети на еконмските интереси на Германија.