1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставката на Руди Фелер

24 јуни 2004

Коментар на Волфганг ван Кан

https://p.dw.com/p/Aen6
Руди Фелер поднесе оставка
Руди Фелер поднесе оставкаФотографија: dpa

Неуспехот во предрундата на германската фудбалска репрезентација на Европското првенство во Португалија, ниту цели 24 по поразот од Чешка со 2 спрема 1, ги доби првите консеквенци. Шефот на тимот Руди Фелер поднесе оставка. Непосредно по натпреварот против Чешка, кај Руди Фелер се забележуваше несигурност. Тој додуша подвлече дека тргнува од фактот оти треба да го исполни договорот кој тече до 2006 година, но истовремено нагласи дека не е залепен за функцијата. Ниту цел ден подоцна, тој поднесе оставка зашто смета дека тоа е негов неуспех и дека не сака да ја оптоварува националната екипа. По дебаклот на европското првенство во Белгија и Холандија во 2000-тата година, кога германските единаесет исто така испаднаа во предрундата, Фудбалскиот сојуз на Германија практично на колена го замоли Руди Фелер да го наследи несреќниот Ерих Рибек. Неговата согласност беше славена скоро како спас за германскиот фудбал. Четири години подоцна билансот е незадоволителен. Да, под Руди Фелер германската репрезентација во 2002 година на светското првенство во Јапонија и Северна Кореја беше светски вице-шампион, но под какви околности? Силните противници помалку или повеќе доброволно им се тргнуваа на Германците од патот, играчки екипата не понуди многу и кога во финалето со Бразил дојде вистински силен противник, германските единаесет немаа шанса. Потоа беше полошо отколку подобро. Без многу убедливост германската екипа се квалификуваше за Европското првенство во Португаллија, додека играчките дефицити беа се поочигледни. Не беше добиен ниту еден натпревар против топ светска репрезентација. Руди Фелер очигледно не можеше на екипата да и даде играчки импулси, ангажманот на помладите на местото на потрошените играчи во годината на првенството се случи предоцна. Фелер својата позиција секогаш ја поврзуваше со успех, па така гледано, неговата оставка е разбирлива и некако логична. Но, ако некој верува дека националната екипа е веќе на пат кон подобрување, греши. И наследникот на Руди Фелер, дали ќе се вика Отмар Хицфлед или поинаку, нема да биде во состојба веднаш да може да претстави германски тим кој вистина ќе им припаѓа на најдобрите во светот. Имено, за тоа недостигаат пред се соодветни играчи. Дури и ако младите фудбалери како Филип Лам, Бастијан Швајнштајгер или Лукас Подолски се надежта за иднината, не смее да се превиди дека во моментов во Германија нема централен режисер од типот на Гинтер Нецер или Фолфгнаг Оверат, нема стрелец од типот на Герд Милер или Руди Фелер, ниту пак цврста одбрана врз која може да безусловно да се потпре. Ако се погледне во екипите, таму, за жал, има само странски звезди. За светското првенство во 2006 во Германија, националните единаесет се автоматски присутни. Со тоа од програмата отпаѓаат квалификационите натпревари, ќе има само пријателски. Тоа може да биде предност, зашто наследникот на Фелер ќе може да експериментира, но тоа може да биде и недостиг, зашто нема притисок. Воопшто - тешка задача за новит шеф на тимот.

Волфганг ван Кан