1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на директорот на ЦИА Портер Гос

Даниел Шешкевиц6 мај 2006

Директорот на американската тајна служба неочекувано се повлече од функцијата на која помина нецели две години. Шпекулации околу мотивите

https://p.dw.com/p/Ac6t
Портер Гос
Портер ГосФотографија: AP

Портер Гос стана директор на разузнавачката служба ЦИА во септември 2004-та година, истовремено кога поранешниот американски амбасадор во ОН Џон Негропонте беше назначен за директор на сите американски тајни служби. Од нивното опкружување се вели дека Негропонте бил незадоволен од работата на Гос. И покрај тоа, оставката дојде ненадејно, дотолку повеќе што претседателот Буш го овласти Гос да ја преориентира ЦИА со доведување нови специјалисти за анагжман во арапскиот простор и да и’ ја врати дисциплината и внатрешната сплотеност, нарушена по пропустите во врска со терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва.

По повод оставката на Гос претседателот Буш изјави: „Со Портер изградив личен однос додека беше на функцијата, што е многу важно за директор на ЦИА. Тој мина многу време овде во „Овалната сала“, ми даде добри совети и јас го ценам неговиот интегритет и честа во вршењето на функцијата“.

Во Вашингтон силно се шпекулира за причините за оставката. Набљудувачите неа ја оценуваат како натамошен знак дека владата има потешкотии во трансформацијата на тајните служби. Во последно време ЦИА се најде во насловите во негативна светлина не само со извештаите за тајни затвори и летови во Европа, туку и со отпуштањето една соработничка поради предавање информација на печатот, а Гос беше критикуван бидејќи редица свои соработници од времето како пратеник во Конгресот доведе на водечки позиции во ЦИА.

Даниел Плетка, специјалистка за преоблематиката на теророт во „Америкен ентерпрајз инститјут“ оценува: „Претседателот Буш конечно согледа дека неговата влада има проблеми во организационата област, во билансот на постигнувањата и по прашањето на довербата. Кај безбедноста во меѓувреме би требало да е јасно дека нашите тајни служби со години потфрлуваа по прашањата на оружјето за масовно уништување во Ирак и на сузбивањето на тероризмот, а и потоа не станаа многу подобри“.