1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на шефот на сириската опозиција

АТ/ афп/ дпа24 март 2013

Ахмед Моаз ал-Катиб беше водач на Националната коалиција, најважната група во борбата против режимот на претседателот Асад. Тој меѓутоа е разочаран од односот на меѓународната заедница поради што поднесе оставка.

https://p.dw.com/p/183Sl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на сириската опозиција Ахмед Моаз ал-Катиб денеска (24.03) поднесе оставка на челната функција во Националната коалиција. Одлуката Ахмед Моаз ал-Катиб ја објави на својот профил на Фејсбук. Во соопштението умерениот исламски проповедник изрази разочарување од односот на меѓународната заедница во конфликтот во Сирија. Уништувања, прогонувања, масовни апсења и други трагедии очигледно не се доволни за меѓународна одлука, која на Сиријците им дозволува самоодбрана, оцени тој. Опозицијата веќе долго време бара оружје и финансиска поддршка за бунтовниците. Ал-Катиб дополни дека во иднина сака да работи послободно, отколку што е можно во рамките на официјалните институции.

53-годишниот Моаз ал-Катиб, кој потекнува од сирискиот главен град Дамаск, ја напушти Сирија минатото лето, откако безбедносните сили на претседателот Асад повеќе пати го апсеа. На 11. ноември на средба на опозицијата во емиратот Катар тој беше избран за претседател на Националната коалиција. Опозициониот сојуз во меѓувреме од многу држави е признат како правен застапник на сирискиот народ. Ал-Катиб меѓутоа во последно време беше критикуван од сопствените редови, бидејќи на режимот на Асад му понудил дијалог под одредени околности.

Судири на Голанската Висорамнина

Израелските сили за безбедност, според сопствени извори, испукале ракети врз сирискиот дел на Голанската Висорамнина. Притоа бил уништен воен пункт. Претходно израелската територија била нападната со огнено оружје и било погодено возило, изјави портпарол на војската. Инцидентот беше најтешкиот од ваков вид по почетокот на сириската граѓанска војна пред две години. Израелскиот министер за одбрана Моше Јалон изјави дека неговата земја нема да дозволи сириската армија или други вооружени групи да го повредат суверенитот на Израел на кој и да било начин.