1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставките не го попречија пописот во Македонија

1 октомври 2011

Од денеска до 15 октомври во Македонија ќе се спроведе најголемото статистичко истражување - пописот на населението, домаќинствата и становите. Пописот се оддржува и покрај оставките на првите луѓе на ДПК.

https://p.dw.com/p/12kE8
Фотографија: Kathrin Erdmann

Пописот во Македонија почна во 8 часот изутрината. Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите за задоволување на потребите од податоци на корисниците во државата и во странство.

Според Законот за попис, треба да бидат попишани сите лица што живеат во Република Македонија, граѓаните кои живеат или престојуваат во странство во изминатите 12 месеци и оние кои имаат престојувалиште во земјата, како и сите домаќинства и станови на територијата на Република Македонија.

Податоците од пописот-строго доверливи

Попишувањето ќе го вршат по двајца попишувачи што ќе поставуваат прашања во согласност со пописната методологија и одговорите на граѓаните ќе ги запишуваат во печатени пописни обрасци. Граѓаните ќе треба да одговорат на прашањата каде живеат, кога и каде се родени, за образованието и нивната работа, колку членови има домаќинството, дали се сите членови на домаќинството присутни, во каков стан или куќа живеат, колкав е станот, дали има помошни простории, за општата здравствена состојба итн.

Личните податоци што ќе се соберат со пописот се строго доверливи. Тие не може да се користат за донесување на какви било одлуки во однос на лицето за кое се однесуваат. Податоците ќе се обработат и ќе се користат само како збирни податоци.

Zensus Volkszählung 2011 FLASH Galerie
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пописот во Македонија ќе го набљудуваат и претставници на Еуростат, кои треба да направат експертска анализа дали е спроведен во согласност со меѓународните препораки за спроведување попис посочени од страна на УНЕЦЕ/Еуростат и прифатени од страна на Конференцијата на европските статистичари како принципи и препораки за пописот на населението и домаќинствата 2010.

Првите податоци од пописот, според најавите, треба да бидат објавени во декември оваа година.

Попис и покрај турбуленциите во Државната пописна комисија

Пописот 2011 ќе се спроведе и покрај проблемите што настанаа во изминатите недели.

Владата на Република Македонија на вчерашната седница го комплетираше составот на Државната пописна комисија, откако ги констатираше оставките на членовите на Комисијата-Абдулменаф Беџети, Весна Јаневска, Марија Ташева, Ванчо Ангеловски и Фаузи Скендери.

Воедно, како што соопшти владината прес-служба, Владата ги именуваше Бујар Османи, Лазар Трајчев, Живко Пејковски, Орце Тодоровски и Артан Груби за нови членови на Државната пописна комисија. Нов претседател на Државната пописна комисија ќе биде Слободанка Гиевска, додека Бујар Османи ќе ја извршува функцијата потпретседател.

Директорката на Државниот завод за статистика Благица Новковска, за медиумите вчера изјави дека тие се подготвени да го почнат пописот.

Попис на населението денеска започнува и во Албанија, Србија и Турција.

Автор: АТ/ ЖА/ миа

Редактор: Жана Ацеска