1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Останува американската поддршка за Македонија

Александар Чомовски 26 ноември 2008

Американскиот амбасадор во Скопје Филип Рикер не очекува САД да ја променат политика кон Македонија со доаѓањето на администрацијата на Барак Обама. Македонските парламентарци, сепак со претпазливи очекувања.

https://p.dw.com/p/G2YZ
Американскиот амбасадор Рикер на една од средбите со македонскиот министер за надворешни работи Антонио МилошоскиФотографија: DW / Dragan Todorovski

Американската надворешна политика кон Балканот и Македонија нема да се промени, изјави американскиот амбасадор Филип Рикер пред парламентарната комисија за надворешна политика во Скопје. Тој ги претстави приоритетите на политиката на идниот претседател Барак Обама. Ваквите најави од Рикер се оценуваат како позитивни, пред се поради притаениот страв кај македонските власти дека Македонија од новата администрација нема да има толкава поддршка за зачленувањето на земјата во НАТО, како во времето на претседателот Џорџ Буш. Амбасадорот Рикер изјави дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат земјата на патот кон евроатлантските интеграции, но дека останува отворен спорот со името со Грција. Тој според него треба да се реши со компромис. Рикер, притоа нагласи дека Македонија треба реално да ги согледа сите опции и да го одбере она што ќе и донесе најголем просперитет. „Тоа значи дека не треба емоционално да бидете врзани за некои однапред дефинирани концепти за тоа што претставува компомис и решение за ова прашање. Треба да се фокусирате на она што ви овозможува да го задржите и зачувате идентитетот, што е многу сложено прашање. Тоа не е нешто што се запишува во документ на ОН, туку се работи за тоа кои сте и што сте,“ нагласи Рикер. Тој додаде дека Америка и понатаму смета дека местото на Македонија е во НАТО.

Obama Pressekonferenz in Chicago November 2008
Идниот американски претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Новата администрација има посилни врски со Грција?

Ваквите изјави на амбасадорот на САД не го сокрија песимизмот кај дел од македонските парламентарци. Пратеникот од опозиционата СДСМ, Владо Бучковски смета дека новата администрација, а пред се идниот потпретседател Џо Бајден, имаат посилни врски со водечките грчки политичари, отколку со македонските. Кај пратениците владее доза на претпазливост за тоа каков ќе биде односот на САД кон Македонија и поради изборот на Хилари Клинтон за идна министерка за надворешни работи. Таа неколкупати во изминативе години беше критички настроена кон македонската позиција во внатрешните меѓуетнички односи и спорови, како и во односот кон Грција и соседите.