1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остра осуда од Советот за безбедност

26 мај 2009

Советот за безбедност едногласно го осуди последниот тест на атомско оружје што го спроведе Северна Кореја. Комунистичката земја, на едногласната осуда веројатно рагира со новите ракетни тестови.

https://p.dw.com/p/HxOK
Фотографија: DW-Montage/picture-alliance/dpa

Северна Кореја денеска извршила нови тестови на проектили од краток дострел. Двете испукани ракети според јужнокорејските медиуми имале дострел од 130 километри. Неколку часови претходно, Советот за безбедност на ОН остро го осуди вчерашниот севернокорејски тест на атомско оружје. Советот уште денеска ќе започне да разработува нова резолуција со санкции против раководството во Пјонгјанг. Јапонските медиуми пренесуваат дека петте земји постојани членки на Советот и Јапнија и Јужна Кореја веќе во основа постигнале согласност за тоа.

Северна Кореја со својата атомска проба не само што ги прекрши резолуциите на Советот за безбедност на ОН, туку го прекрши и договорот за неширење на атомското оружје како и спогодбата за запирање на тестовите на нуклеарно оружје, изјави актуелниот претседавач со Советот, рускиот амбасадор во ОН, Витали Чуркин.

Во план се натамошни санкции

Истовремено тој нагласи дека станува збор само за првична реакција на Советот. Осудата на атомската проба не е се’, туку само сигнал за тоа во која насока се движи размислувањето на Советот за безбедност, изјави Чуркин. Секоја постапка, што ги прекршува меѓународните договори треба да се сфати сериозно и заслужува остар одговор, потенцираше рускиот амбасадор во ОН.

Неговата американска колешка, Сузан Рајс пак изјави дека Вашингтон посакува цврсти одлуки со остри мерки против Северна Кореја. И другите дипломати се изјаснија за решително постапување. Тие претпочитаат натамошни санкции против раководството во Пјонгјанг. Какви чекори навистина ќе преземе Советот за безбедност против Северна Кореја според мислењето на набљудувачите ќе зависи пред се’ од позицијата на Кина, најважниот сојузник на Северна Кореја.

Технички напредок

Nordkorea Kim Jong Il mit Flagge
Ким Јонг ИлФотографија: AP Graphics

Пјонгјанг вчера соопшти дека спровел подземна атомска проба. Според податоците на руските научници експлозијата имала моќ од околу 20 килотони, и укажува на значителен технички напредок на Северна Кореја на ова поле. Покрај тоа, според извештаите на јужнокорејските медиуми, Северна Кореја вчера тестирала и три ракети од краток дострел.

Тестот на атомско оружје беше остро критикуван ширум светот. Американскиот претседател Барак Обама истакна дека обидите на Северна Кореја да развие атомско оружје преставуваат закана за мирот и безбедноста во светот.

„Сега САД и меѓународната заедница мора да преземат активности како одговор на постапките на Северна Кореја. Пјонгјанг претходно се обврза да се откаже од атомската програма. Наместо да ги остварува своите обврски, тој одбра да ги игнорира. Активностите на Северна Кореја се во спротивност со резолуциите на ОН. Како последица Северна Кореја сега ја продлабочува нејзината изолација и принудува на посилен меѓународен притисок“, истакна Обама.


Автор: СН/АТ/дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема