1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остра поделеност во турското општество

Јорданка Јорданова / Елизабета М. Фиданоска12 јули 2013

Протестите против премиерот Реџеп Таип Ердоган во Турција траат со недели, досега со умерен успех. Сепак, во турското општество нешто се случува. Што - за тоа дискутираа четворица познавачи на турските состојби.

https://p.dw.com/p/196it
Фотографија: Fotolia

„Протестите нема да запрат. Духот на отпорот излезе од шише. Луѓето ќе викаат и ќе пружаат отпор се‘ додека во општеството не се етаблира либерален дух“, проценува д-р Лале Акгин. Политичарката на СПД (Социјалдемократска партија) од Келн и поранешен пратеник во Бундестагот ја коментираше состојбата во Турција заедно со тројца други познавачи на турските прилики - новинарката со турско потекло Џанан Топчу, одговорниот уредник на Турската редакција во Дојче веле Бахаеднин Гингер и проф. д-р Маурус Рајнковски, исламолог на Универзитетот Базел. Подиумската дискусија за причините и последиците на актуелните протести во Турција беше организирана од Друштвото за Југоисточна Европа и Германско-турското друштво во соработка со Дојче веле.

„На улица се сите кои се против авторитарното раководење на Ердоган. Може да се видат домаќинки со своите ќерки, млади двојки, млади и стари луѓе, фудбалски навивачи, трансексуалци. Сите се тука и такво нешто во Турција првпат се доживува - плурално општество во кое може да се живее како што се сака и во кое другите се оставаат да живеат како сакаат“, објаснува Лале Акгин, која неодамна беше во Турција и ги доживеа протестите од непосредна близина.

Политичкото раѓање на Ердоган

Но протестите на улица се чини не му оставаат впечаток на Ердоган. Како може на власт да дојде некој кој ја игнорира волјата на голем дел од народот. Кусо навраќања на 2002 година: „Ердоган е резултат на поделеноста на етаблираните партии пред тој да дојде на власт. Тие сосема се занимаваа со борби за превласт“, вели Бахаедин Гингер, одговорен уредник на Турската редакција во ДВ. „Никој не сакаше да попушти и се запостави исполнувањето на очекувањата на населението. Токму тогаш се појави Ердоган велејќи - сите овие партии веќе ги пробавте, пробајте сега со нас. Токму во тоа беше неговата тајна на успехот. Ердоган профитираше од тоа што немаше вистински политички противници.“

DW Podiumsdiskussion Lage in der Türkei 10.07.2013
Подиумска дискусија за Турција во ДВФотографија: DW

Сега работите изгледаат поинаку. Реџеп Таип Ердоган има повеќе противници и тоа не само во населението и опозицијата. Критички гласови се слушаат дури и во неговата АКП. Дури и претседателот на земјата Ѓул не штедеше на критика на сметка на премиерот. Полициското насилство за десет дена го уништи угледот што Турција напроно го градеше во последните десет години. „Однесувањето на Ердоган предизвикува уште поголем отпор. Ако АКП се подели, тоа би можело да значи многу брз крај за Ердоган“, гласи прогнозата на Лале Акгин.

Вкусот на политиката

Според нејзино мислење, протестите постигнаа нешто што е сосема ново за турското општество - досега аполитичните млади луѓе одеднаш станаа политизирана младина. „Младите сега се интересираат за политика. Политиката не е ништо друго освен обликување на општеството. Политиката, меѓутоа, значи и да се има волја за власт, што значи овие млади луѓе сега мора да го влеат својот ентузијазам, својата енергија, во структури за да настанат политички структури во кои тие ќе можат да дејствуваат и да стремат кон власт и со што ќе имаат легитимација да владеат и да обликуваат.“

Erneute Proteste in der Türkei 06.07.2013
Протестите го зголемија интересот на младите за политикаФотографија: Bulent Kilic/AFP/Getty Images

Покрај политизацијата на турската младина, протестите отворија уште едно значајно прашање, она за длабоката поделеност на општеството, кое се состои од повеќе групи, како на пример - алевити, секуларисти или кемалисти. Проф. д-р Маурус Рајнковски од Универзитетот Базел, меѓутоа, подвлекува: „Турција пружа релативно “жива“ слика, со различни компоненти, а токму сегашното Таксим-движење покажува дека многу различните струења, кои првично се дефинираа како кампови, се спојуваат и можат да најдат заеднички јазик преку заедничка цел.“

Тој фактор не треба да се потцени. Тоа укажува на посилна самодоверба на турското цивилно оппштество и на убедувањето дека политичките акции може да ги променат работите. Тоа, според проф. Рајнковски, е културен и политички капитал кој ќе има дејство во наредните години.

Турција и ЕУ

Однесувањето на Германија е клучно за прашањето на приклучување на Турција кон ЕУ. И покрај насилството против демонстрантите, канцеларката Ангела Меркел сака да ги продолжи разговорите за приклучување. Со каков резултат? Бахаедин Гингер вели: „Турција има проблеми кои не се едноставни. Таа не може едноставно да се спореди со Романија, Бугарија или други земји, каде има големи проблеми и покрај тоа што земјите се веќе членки на ЕУ. Со нивните проблеми може полесно да се излезе на крај.“

Освен тоа, Турција е опкружена од соседство кое е во тешка ситуација. „Таа ги има Сирија, Ирак, Иран, немирниот Кавказ. Сето тоа води до тоа Турција економски, општествено, но и надворешнополитички погледнато, да е земја која не е едноставна и ќе биде многу тешко да стане дел од ЕУ“, проценува Гингер.