1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда за атентатите во Мумбаи

14 јули 2011

Советот за безбедност на ОН ги осуди новите атентати во индискиот пристанишен град Мумбаи. Според најновите информации, билансот на жртвите изнесува 17 починати и 130 повредени.

https://p.dw.com/p/11uxa
Една од бомбите беше поставена пред операта во МумбаиФотографија: dapd

Три експлозивни направи, сместени на три различни места во големата метропола беа активирани во рок од само 15 минути. Веќе тоа дава основа за заклучок дека станува збор за добро планирана серија. Индискиот министер за внатрешни работи, Паланиапан Чидамбарам, оцени: „Ова е координиран напад на терористи!“

Терористите очигледно имале за цел да предизвикаат што е можно поголем број цивилни жртви, бидејќи бомбите беа сместени на место каде има голем број минувачи и беа активирани рано пред вечер, кога на улиците има најмногу луѓе.

Indien Mumbai Terroranschlag
Другата експлозивна направа беше скриена на пазарот ЗавериФотографија: dapd

Еден сведок на настанот вели: „Веднаш се стрчавме за да видиме што се случило. Имаше многу чад, се’ беше разурнато, а кога се разреди чадот видовме дека на улица лежат луѓе, кои почнаа да викаат и да бараат помош.“

Тегобно потсетување

Новите бомбашки напади ги разбудија сеќавањата на големиот терористички напад во Мумбаи од 2008 година, кога повеќемина добро вооружени терористи нападнаа повеќе зданија, меѓу кои и еден луксузен хотел, и цели три дена водеа улични борби со полицијата и специјалците. Поранешниот премиер на покраинската власт во Махарастра, под чија надлежност спаѓа и Мумбаи, вели: „Токму сега, кога полека повторно се создаде чувството на доверба во Мумбаи, бидејќи од тогаш се немаше ништо слично случено, токму сега ни‘ се случува ова. Ова повторно длабоко ќе го разнебити градот“, посочува Притхвираѓ Чаван.

Потрага по оранизаторите

Во јавноста веднаш се појавија шпекулации дека и зад оваа бомбашка серија стои пакистанската терористичка организација „Лашкар-е-Тоиба“. Индиските власти во текот на истрагата за претходните напади во 2008, имено, поднесоа докази дека терористите биле обучувани во терористички кампови на пакистанска територија. Тоа ги доведе на раб на војна соседите Индија и Пакистан, кои располагаат со атомско оружје.

Indien Mumbai Explosionen Sicherheit Juli 2011
Индиските специјалци треба да ја најдат трагата кон организаторитеФотографија: dapd

Затоа, овојпат, пакистанската влада побрза и ги осуди нападите, додека индиската повика на разум и им се спротивстави на бројните шпекулации околу организаторите: „Сакам да ги повикам луѓето во Мумбаи и во целата земја да останат мирни и да го сочуваат спокојот“, изјави министерот за внатрешни работи на Индија, Чидамбарам.

Индиската влада под итно ги префрли специјалците за борба против тероризам во Мумбаи, каде треба да испитаат кој би можел да стои зад нападите. Експертите очекуваат првични траги преку анализата на начинот како биле направени бомбите, како и преку испитувањето на снимките од видео камерите поставени на јавните места.

Автор: Кај Кистнер / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски