1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда на настапот на Асад

Б. Георгиевски/афп/ап/миа7 јануари 2013

Жестока осуда од западните земји и соседите на Сирија за говорот на сирискиот претседател Асад. Вашингтон и Брисел бараат негово заминување од власт, Каиро очекува судење за воени злосторства.

https://p.dw.com/p/17F2e
Фотографија: REUTERS/Sana

Американската администрација не го прифаќа новиот предлог на сирискиот претседател Башар ал Асад за почеток на мировен процес во земјата, кој би му овозможил да остане на власт, изјави портпаролката на Стејт Департментот Викторија Нуланд.

Victoria Nuland
Викторија НуландФотографија: Getty Images

Таа оцени дека последниот предлог на Асад нема врска со реалноста и дека тој само би му овозможил на неговиот режим да продолжи со репресијата врз сирискиот народ.

Асад вчера, во својот прв говор по пауза од седум месеци, изнесе нацрт на нова мировна иницијатива со која предложи национална конференција за помирување и составување нов устав и нова влада, но истовремено побара од западните земји и од регионалните соседи да престанат да ги финансираат и вооружуваат бунтовниците.

Сирискиот претседател ги игнорираше и барањата на меѓународната заедница да се повлече, наведувајќи дека е подготвен на дијалог со „оние кои не ја издадоа Сирија“.

Нуланд порача дека Асад го загубил целиот легитимитет и дека треба да се повлече за да се овозможи политичко решение на судирите и демократска транзиција.

Мурси: Режимот ќе падне

Со сличен став излезе и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон. Таа порача дека Асад мора да си замине. Планот на Асад го отфрлија и претставници на сириската опозиција.

Египетскиот претседател Мохамед Мурси во интервју за СиЕнЕн оцени дека Асад треба да одговора за воени злосторства и процени дека неговиот режим ќе биде урнат во граѓанската војна.

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу изјави дека сирискиот претседател Башар ал Асад во говорот само ги повторил празните ветувања и повика за брза транзиција во земјата.

„Неговите коментари се само повторување на она што постојано го говори. Тоа се истите ветувања, кои ни ги даваше досега. Со оглед на тоа што Асад повеќе ја нема власта дадена од сирискиот народ, неговите зборови ја загубија својата уверливост. Периодот на транзиција треба да заврши што е можно поскоро преку преговори со претставници на сирискиот народ“, рече Давутоглу. Тој истакна дека Обединетите нации треба да заземат јасен став во однос на Сирија и да испратат порака до Асад да не го спречува доставувањето хуманитарна помош за Сиријците.

Според податоците на ОН, во судирите во Сирија кои почнаа пред 21 месец загинале повеќе од 60 илјади луѓе.

Во говорот емитуван на сириската државна телевизија, Асад оцени дека во Сирија постои судир на државата и нејзините непријатели, односно меѓу „народот и неговите убијци“.

Сирискиот претседател наведе дека транзицијата мора да се спроведе во склад со Уставот и ги повика сите Сиријци да земат учество во иницијативата чија цел е запирање на судирите во земјата, но не наведе детали од планот.