1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуетена сериозна терористичка опасност во Велика Британија

10 август 2006

Британските специјални едници за борба против терор ноќеска спроведоа голема операција, со која наводно се спречени поголем број атентати врз патнички авиони. Главна цел на нападите требало да бидат авиони што од британскиот остров пренесуваат патници за САД.

https://p.dw.com/p/Ac4E
Вооружени полицајци го заштитуваат аеродромот Лондон Стенстед
Вооружени полицајци го заштитуваат аеродромот Лондон СтенстедФотографија: AP

Британскиот министер за внатрешни работи Џон Рид на прес-конференцијата во Лондон утринава посочи дека плановите на терористите биле насочени кон уривање повеќе патнички авиони за време на летот, што би значело голем број жртви. „Планираните напади ќе претставуваа голема опасност за Велика Британија и нејзините меѓународни партнери„ – порача Министерот, додавајќи дека службите зе безбедност вложуваат максимум напори за да ги спречат терористичките напади.

„Во текот на ноќта полицијата со полно знаење на министерот изврши голема анти-терористичка операција за да ја оневозможи крупната закана за Обединетото Кралство и неговите меѓународни партнери. Полицијата во соработка со тајната служба МИ5 откри заговор од големи размери, што ќе предизвикаше сериозни човечки жртви. Од два часот по полноќ степенот на тревога е подигнат на највисоко ниво„ – изјави министерот за внатрешни работи Џон Рид.

Според се‘ уште непотврдени информации, станувало збор дури за 20 патнички авиони, што требало да бидат кренати во воздух. Полициски извори соопштија дека во акцијата биле уапсени 18 лица од поширокото подрачје на Лондон.

Министерот Рид го повика населението да не крева паника, истовремено предупредувајќи дека денеска се очекуваат големи пореметувања во воздушниот сообраќај.

„Ова е мерка на предострожност. Правиме се‘ за да спречиме каква и да е натамошна активност на терористите. Тоа меѓутоа ќе предизвика големи проблеми во авиосообраќајот во Обединтетото Кралство.„

Министерот за внатрешни работи го повика и надлежниот министер за транспорт Даглас Александер да информира на оваа тема:

„Рано утринава сите британски аеродроми и авио-компании што сообраќаат во и од Велика Британија добија налог да воведат повисок степен на безбедност. Тоа ќе предизвика големи доцнења на сите аеродроми во Обединетото Кралство!„

По ваквите предупредувања САД го зголемија степенот на тревога на „црвено„ ниво за сите авиони од Велика Британија и на „портокалово„ од сите други земји. Германскиот авио-превозник Луфтханза ги откажа сите летови за аеродромите во околината на Лондон се‘ до 14 часот по средно-европско време. А Бритиш ервејс апелираше до сите патници да не тргнуваат за Лондон, доколку тоа не е навистина неопходно. Билетите на британската авио-компанија ќе бидат префрлени за друг ден или патниците ќе добијат полно обесштетување.