1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осум агенти на ЦИА загинаа во Авганистан

31 декември 2009

Осум агенти на ЦИА, четворица канадски војници и една канадска новинарка загинаа во два одвоени напади на Талибанците во Авганистан. 2009 година се смета за најсмртоносна од почетокот на воените акции во Авганистан.

https://p.dw.com/p/LHdV
Нови жртви на самоубиствени напади во АвганистанФотографија: AP

Најмалку осум Американци, агенти на ЦИА ги загубија животите во самоубиствен бомбашки напад врз воена база во авганистанската провинција Кост. Стејт департментот потврди оти цел на нападот бил разузнувачкиот штаб во близина на границата со Пакистан, кој бил користен како база за организација и набљудувачки операции.

Напаѓачот во униформа на авганистанската армија

Одговорноста за нападот ја презедоа талибанците, кои тврдат дека во нападот загинале најмалку 16 американци. Иако нема детални информации, извесно е дека нападот го извршило лице кое било облечено во униформа на авганистанската армија, а некои податоци велат дека се работело и за висок армиски офицер.

Напаѓачот успеал да влезе во гимнастичката сила во базата и да се разнесе со експлозивен појас.

Central Intelligence Agency CIA Logo
Тежок удар за американската тајна служба

Вашингтон потврди дека уште најмалку 8 агенти на ЦИА или нивни помагачи биле ранети во експлозијата. Весникот Вашингтон пост оцени дека станува збор за најсмртоносниот напад врз американските безбедносни служби од почетокот на војната во Авганистан.

Убиена канадска новинарка во Кандахар

Во друг напад врз странските сили, во провинцијата Кандахар, загинаа четворица канадски војници и една канадска новинарка, откако нивното возило налетало на мина. Американските и канадските власти засега одбегнуваат да соопштат детали за нападите и за жртвите. Канадските медиуми јавија дека загинатата новинарка е 34-годишната Мишел Ланг, која била испратена на задача во земјата на почетокот на месецов и известувала за акциите на канадските трупи. Нападите на талибанците врз странските трупи во Авганистан се засилуваат во пресрет на најавеното зголемување на нивниот број на 150 илјади на почетокот на годинава. Од почетокот на војната во Авганистан загинале вкупно 1.567 странски војници, од кои 949 се Американци. 2009 година се смета за најсмртоносна од почетокот на воените акции.

Автор: БГ/СН/афп/дпа

Редактор: Симе Недевски