1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осум години по потпишувањето на Рамковниот договор

13 август 2009

Со Охридскиот рамковен договор од 2001 година беше ставен крај на вооружениот конфликт во Македонија. Денес, само 20 проценти од Македонците веруваат во ефектите од договорот, а задоволни се 80 отсто Албанци.

https://p.dw.com/p/J8FV
Фотографија: Petr Stojanovski

Актуелниот пратеник Абедин Зумбери како поранешен припадник на ОНА се бореше со своите Албанци во кумановскиот регион. Генералот Стојанче Ангелов, тие мајски денови во 2001 година, му беше противник, како специјалец на МВР. Зумбери во битката загуби осум членови од своето семејство, Ангелов беше тешко ранет. Двајцата во последните години ја бараат правдата за борците од воениот и меѓуетнчкиот конфликт во 2001 година. Секој со свои аргументи. Деновиве се одржуваат и церемонии за припадниците на македонските безбедносни сили, кои загинаа само неколку денови пред потпишувањето на Охридскиот договор. На овие манифестации присуствуват и државни претставници. Манифестации за паднатите борци на ОНА не се одржуваат. Вака изгледа една од контроверзните слики за македонското мултиетничко живеење, кое се заснова врз Охридскиот рамковен договор. Професорот и социолог Ило Трајковски, сепак, смета дека Македонија како држава остварува битен напредок во справувањето со проблемите што се појавуваат во сферата на меѓуетничките односи.

Денес табуата се скршени. Во центарот на Скопје се поставени двојазични табли со информации, албанскиот јазик се‘ помасовно се применува како официјален, ефикасно се спроведува децентрализацијата и се применува Бадентеровото мнозинство како брана од етничко надгласување во локалните и централната власт. Сепак, само 20 отсто од Македонците веруваат во ефектите од Охридскиот рамковен договор, а дури 80 проценти од албанското население се задоволни. Обидот, пак, на опозициската ДПА за некаков нов рамковен или општествен договор меѓу Македонците и Албанците, не наидува на поддршка дури ни кај ДУИ, партија во власта, во која членуваат и лица кои во 2001 година имаа команда врз припадниците на ОНА. И меѓународната заедница и натаму стои зад Рамковниот договор. Охридскиот договор е рамката за мултиетничка Македонија, смета американскиот амбасадор Филип Рикер.

Со Рамковниот договор и обидите за толеранција и соживот, Македонија стигна до предворјето на ЕУ и сега го чека датумот за преговори, кој според Владимир Божиновски од Центарот за демократија, е обврска, но и награда, затоа што земјата чека веќе четири години. Според Божиновски, многу држави добија датум за преговори иако имаа далеку помали достигнувања од Македонија. Еврокомесарот за проширување Оли Рен при неговата последна посета на Скопје, во јули годинава, оптимистички изјави, дека е можно Македонија наскоро да добие датум за преговори со Европската унија.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска