1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворена „Ануга“

9 октомври 2005

Најголемиот светски саем на прехранбени продукти се одржува на секои две години во Келн

https://p.dw.com/p/AeNp
Келн е домаќин на Ануга
Келн е домаќин на АнугаФотографија: AP

6300 излагачи од прехранбената индустрија, трговијата со храна и гастрономијата од 108 земји од саботата до 12-ти овој месец во Келн ја претставуваат својата понуда на Ануга, најголемиот светски саем од овој вид. Покрај фирми од од Германија, посебно силно се застапени излагачи од Италија, Шпанија и Франција, како и од Кина. Годинава зголемено е и присуството на источноевропските земји, пред се’ на Полска.

Ануга, што се одржува на секои две години во Келн, по преодното опаѓање на бројот на излагачите, пак е врвна светска манифестација во областа на прехраната. „Ние повторно јасно тргнавме во насока кон пораст, па бројот на излагачи е за 4,7 проценти над претходниот саем. И неговата интернационалност значително порасна – пред две години имавме присуство на 90 земји, овој пат се 108“ – укажува Волфганг Кранц, раководител на Келнскиот саем.

Стручните посетители од целиот свет ќе можат да се информираат за глобалните трендови кај специјалитетите, вегетаријанските продукти, здравата храна или се’ попопуларните мезиња.

Гастрономијата и хотелиерството, силно застапени на Ануга, се надеваат на важни импулси од овој стручен саем, нагласува Кристијан Елерс, раководител на здружението од оваа бранша: „Севкупно може да се каже дека во браншата, барем во моментов, има малку повеќе светлина, отколку сенка. Расположението полека се разведрува. Шанси за пораст во моментов имаме особено кај познатите марки во хотелиерството - и посебно кај оние кои се специјализирани за конференции и за велнес, како и кај хотелиерството во градовите“.

Ситуацијата за прехранбеното стопанство во Германија не е лесна, но индустријата демонстрира оптимизам. Трендот недвосмислено е во насока кон здрава храна, а браншата мора трајно да смета на тоа дека при купувањето цената останува решавачки критериум за најголемиот број потрошувачи, нагласува Јирген Абрахам, претседател на Сојузното здружение на германската прехранбена индустрија: „На германскиот пазар браншата одамна се бори против воздржаноста на потрошувачите и бара патишта за надминување на тоа фокусирање врз цената. Резултатите од првата половина на годинава се придушено оптимистички. Севкупниот промет достигна 65 милијарди евра, што претставува пораст од 2,4 проценти. На домашен терен порастот сепак е значително понизок со оглед на големата невработеност и долготрајната воздржаност кај потрошувачката“.

Трговијата со прехрана сепак ги забележува првите навестувања за промена на ставот кај потрошувачите и напуштање на менталитетот „скржавоста е примамлива“. Кај консументите повторно се на цена свежи стоки.

Клаус Фелдкелер