1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворени вратите за исфрлање на Берлускони од Сенатот

БГ/дпа4 октомври 2013

Комитет на италијанскиот Сенат денеска одлучи дека поранешниот премиер Силвио Берлускони треба да биде исфрлен од парламентот поради пресудата за даночно затајување.

https://p.dw.com/p/19tvT
Фотографија: Reuters

Одлуката на комитетот треба да биде потврдена и на гласање на пленарна седница, која најверојатно ќе се одржи за околу две недели. Исфрлањето на Берлускони од парламентот е врз основа на законот кој забранува осудени лица да бидат парламентарци. Пратениците од партијата на Берлускони, Народ на слободата, тврдат дека законот е неуставен, иако тие самите гласаа за него минатата година.

Берлускони беше осуден на четири години затвор поради водење двојно сметководство во неговата медиумска империја „Медиасет“. Согласно италијанските закони, поради неговата возраст, тој треба да отслужи една година во домашен притвор или преку комунална работа.

Берлускони се жалеше на пресудата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Минатата недела Берлускони предизвика сериозна политичка криза во земјата откако најави дека повлекува пет министри од неговата партијата од коалициската влада. Иако формално се тврдеше дека причината за потегот на Берлускони е одлуката на владата да предложи зголемување на данокот за два проценти, зад одлуката стоеше токму најавата дека во телата на Сенатот ќе се отвори расправа за одземање на неговиот пратенички мандат, а со тоа и на имунитетот.

Актуелната Влада во Италија ја сочинуваат левоцентристичкиот блок предводен од Демократската партија (ПД) на Енрико Лета и десноцентристичката ПДЛ на Берлускони.

Но, одлуката на Берлускони предизвика раскол во неговата партија и повеќе пратеници најавија дека ќе ја поддржат владата, по што и тој самиот го повлече барањето за гласање доверба на владата.