1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворени граници за богатите Кинези

Матијас фон Хајн/ Симе Недевски19 февруари 2014

Правната несигурност и екстремното загадување наведуваат многу супер богати Кинези да ја напуштат земјата. Во нив многу земји гледаат „златни кокошки“ и им нудат дозволи за престој во замена за инвестиции.

https://p.dw.com/p/1BBAB
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во социјализмот со кинески лик“ - апсолутно е возможно да се постигне многу добар животен стандард - легално или нелегално. Консултантската куќа „Бостон Консалтинг Груп“ во минатата година процени дека бројот на кинески милионери во долари е значително поголем од еден милион. Со тоа Кина стигна до третото место на земји со најмногу милионери.

Сега пак, една анкета направена меѓу 400-тини милионери покажа дека дури 65 насто од нив сакаат да ја напуштат Кина, каде го стекнале својот имот, односно оти во најмала рака тежнеат да добијат дозвола за престој во некоја трета земја и дека своите семејства радо ги испраќаат во странство. Анкетата која ја спроведе шангајската фирма Хурун покажува дека 30 насто од испитаниците веќе поседуваат дозвола за престој во некоја друга земја. Што ги тера на заминување кинеските милионери? Кристин Купфер од Меркатор институтот за кинески студии од Берлин, во разговорот за ДВ наведува три основни причини: „Правната несигурност е првата. Потоа е потрагата за поинакво образовно опкружување за сопствените деца, а третата причина е многу лошата состојба на животната средина во Кина“.

Euro Münze Stäbchen
Фотографија: picture alliance / dpa

Дозвола за престој во замена за инвестиции

Ширум светот се подготвуваат за богатите бегалци од Кина. И тоа со посебни програми во кои се нуди дозвола за престој во замена за инвестиции. Австралија, САД, но и бројни земји од ЕУ во вистинска смисла на зборот започнаа трка за добростоечките клиенти од Кина. Уште во 2012. година кризната европска земја Португалија ја започна својата програма „Златна виза“ , која предвидува купувањето на недвижност во вредност од најмалку 500 илјади евра да биде наградувано со постојана дозвола за престој во земјата. Повеќе од 90 насто од барањата во минатата година пристигнале од Кина или Хонгконг.

Во минатиот септември и соседна Шпанија воведе речиси идентична програма. Кризните држави Грција и Кипар издаваат дозволи за престој веќе за инвестирање во висина од најмалку 250 илјади евра. А и Унгарија им ја олеснува работата на инвеститорите преку програма со која дозвола за престој се издава во замена за најмалку 250 илјади евра инвестирани во некој од државните фондови чие траење е пет години. На тој воз се качи и добростоечката Холандија. Дозвола за престој во оваа земја може да се добие во замена за инвестиција од 1,25 милиони евра, вложени на локално ниво.

При сето ова очигледно никаква улога не игра тоа што кинеските закони всушност забрануваат изнесување на сума пари од земјата која е поголема од 50 илјади долари годишно. Експертката за Кина, Купфер, упатува на откритијата во врска со т.н „офшор-ликс“, според кои, во речиси целосно неконтролираните даночни оази на Карибите постојат најмалку 21 илјада фиктивни фирми чии сопственици се Кинези. Купфер вели дека многу пари заминуваат и од Хонгконг. „Градот е мост за натамошен трансфер на парите во странство“, дополнува Купфер.

Бегство од правната несигурност

Reichtum in der Welt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во самата Кина критички се гледа на трендот на заминување на супер богатите во странство. Причината треба пред сѐ да се бара во широко распространетата корупција. Професорот Жу Сиаоженг од Народниот универзитет во Пекинг во разговор за ДВ истакнува: Денг Ксиаопинг рече дека луѓето смеат да се збогатуваат, но тоа богатство треба да е стекнато со чесна работа. Но бројни супер богати луѓе во Кина до своето богатство имаат дојдено само благодарение на сивата економија, проневера на државен капитал или преку шпекулации. И тие сега тие пари сакаат да ги сокријат во странство“.

Недоволната правна сигирност во Кина го поттикнува изнесувањето на капитал и кај оние кои парите ги стекнале на легален начин - како на пример претприемачката Жанг Лан. Таа благодарејќи на својот ланец ресторани „ Јужна убавина“ создаде богатство и беше дури и пратеничка во Политичката советодавна конференција на кинескиот народ во Пекинг. Минатата година излезе на виделина дека таа, освен кинески, поседува и канадски пасош, поради што беше цел на остри критики преку интернет. Експертката за Кина од Берлин, Купфер, видела и реакции кои тоа целосно го одобрувале, бидејќи станува збор за лица кои и самите би им завртеле грб на лошите животни услови, кога би можеле.