1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворени граници кон Европа

19 декември 2009

Граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора од денеска 19.12.2009 можат да патуваат во Европа без визи.

https://p.dw.com/p/L8m2
Фотографија: DW

Европскиот шенгенски простор од денеска (19.12.09) станува достапен за патување без визи за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора. Со одлуката што ја донесе Советот на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на ЕУ на крајот на ноември, граѓаните се ослободуваат од вадење визи за краткорочен престој до 90 дена во рок од шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година.

Без визи ќе може да патуваат само лицата кои поседуваат биометриски патни исправи. За граѓаните со стари патни исправи ќе важат условите за олеснет визен режим односно ќе треба да приложат важечка шенген виза. Визната либерализација овозможува патување во 25 земји-членки на ЕУ со исклучок на Велика Британија и Ирска, и во уште три европски земји Норвешка, Швајцарија и Исланд.

Поддршка од словенечките европратеници

Во очи визната либерализизација во Македонија престојуваа словенечките европратеници Зоран Талер и Тања Фајон. Талер притоа изрази желба Македонија за две до три години да стане дел од Европската унија (ЕУ), со што неговата мисија би била исполнета, а тој би останал без работа.

Европратеничката Фајон пак рече дека ова е голем ден за Македонија, земја која заслужено ја добива визната либерализација бидејќи е рекордер во спроведувањето на стандардите споредено со другите земји од регионот.„Особено ми е драго бидејќи како известувач за визната либерализација во Европскиот парламент за Македонија го дочекав овој момент. Словенија е првата земја што ја воведе визната либерализација и се надевам дека вашите граѓани сега почесто ќе имаат прилика да патуваат во Европа од каде ќе црпат искуства”, истакна Фајон.

Македонскиот премиер Никоа Груевски им упати благодарност за безрезервната подршка на европратениците од Словенија.

Автор: АТ/СН/миа