1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен обновениот ”Стари мост” во Мостар

24 јули 2004

Пригоден огномет и музика на Хендл – на Неретва, вчеравечер е отворен обновениот Стар мост во Мостар. Симбол на заедништво што допрва треба да се гради и надградува, симбол на едно минато време, од кое треба да се извлечат поуки.

https://p.dw.com/p/AcMD
Повторно обновениот “Стари мост“
Повторно обновениот “Стари мост“Фотографија: AP

Седум години и 13,5 милиони долари беа потребни за да се обнови мостот, кој е заштитен знак на градот. Церемонијата на отворање имаше културно-уметничка програма во која учествуваа околу две илјади изведувачи, а програмата ја режираше сараевскиот режисер, Сулејман Купусовиќ. Тој вели:

”Комплетниот концепт на мојата програма е заснован на идејата за љубов, помирување, соживот. Иако тоа изгледа како политички фрази, верувајте дека во контекст на Стариот мост мислам дека на светот и на Босна и херцеговина ќе им бидат испратени силни пораки.”

”Со обновата на мостот се зацврстуваат темелите на Босна и Херцеговина како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна заедница”, изјави претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Сулејман Тихиќ. Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна, Педи Ешдаун, нагласи дека обновата на мостот симболизира исклучителен и чудесен напредок што земјата го остварила во поврзувањето на националните заедници.

Поранешниот ополномоштеник на германската влада за Босна и Херцеговина и поранешен управник на ЕУ во Босна, Ханс Кошник, вели:

”Сега луѓето можат да живеат заедно во една поинаква форма, да живеат како што беше замисливо пред пет, шест или седум години.”

Предраг Матвејевиќ, од Мостар, еден од оние што живееле покрај мостот пред неговото уривање од страна на хрватската артилерија во 1993 година, оценува:

”Нам, на старите Мостарци, шт израснавме со мостот, кои со него ја доживеавме својата младост, што од него скокавме во вода, нам можеби ни недостига неговата патина. Но, тоа ќе дојде. Ќе ја направат мостарските дождови, нејзе ќе ја дадат стапките на Мостарците, на слободните луѓе, кои се ослободени од национализам и верски предрасуди.”

На свеченоста во Мостар, синоќа, присуствуваа претставници на 50 земји, меѓу кои и британскиот принц Чарлс. Парите за обнова на "Стари мост", кој се вбројува во спомениците на културата на УНЕСКО, ги даде Светска Банка,а пристигнаа и донации од Италија, Холандија, Хрватска и Турција.