1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Откриена ризница на кралот Харалд „Модрозабиот“ на Риген

16 април 2018

Археолози во нива на најголемиот германски остров Риген откопале вредна сребрена ризница од доцниот 10. век, со монети од времето на данскиот викиншки крал Харалд „Модрозабиот“.

https://p.dw.com/p/2w7Ll
Deutschland  Silberschatz auf Rügen gefunden
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

На површина од околу 400 квадратни метри во близина на местото Шапроде на островот Риген, археолозите во изминативе денови откопале повеќе видови накит, бисери, амајлија и 500 до 600 делумно оштетени монети, од кои преку 100 потекнуваат од периодот на владеењето на легендарниот дански крал Харалд „Модрозабиот“  (910-987).

На трага на ризницата дошол 13-годишниот Лука Малашниченко, кој заедно со хоби-археологот Рене Шен го пребарувал теренот со метален детектор, но не надевајќи се дека ќе наиде на такво крупно откритие.

Deutschland Silberschatz auf Rügen gefunden
Монети од десетти векФотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

„Оваа ризница е најголемото поединечно откритие на монети од ерата на 'Модрозабиот' во подрачјето на јужниот Балтик и со тоа од извонредно значење“, изјави археологот и раководител на ископувањата, Михаел Ширен од Покраинската служба за култура и одржување на спомениците на Мекленбург-Предна Померанија. На соседниот остров Хидензе во 1872. и во 1874. година беше откриен познатиот Хидезенски златен накит, за кој се претпоставува дека припаѓал на данскиот крал или неговото најблиско опкружување.

Роден како Викинг, „Модрозабиот“ се смета за основач на Данското кралство, тој ја обединил земјата, ја вовел христијанската вера и спровел реформи. Контроверзниот владател, според историски извори, по загубената Балтичка битка против својот син Свен „Вилобрадиот“ (965-1014) во 986. година побегнал во Померанија, каде умрел една година подоцна.