1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Официјален Берлин го потврди испраќањето дополнителни војници на Косово

Е.М.Фиданоска/афп/шпигел21 април 2012

Германските министерства за одбрана и за надворешни работи денеска (21.04) го потврдија пишувањето на „Шпигел онлајн“ за испраќање дополнителни војници на Косово поради страв од ново насилство.

https://p.dw.com/p/14ito
Фотографија: picture-alliance/dpa

Портпарол на министерството за одбрана за агенцијата Франс прес изјавил дека засилување на трупите на Косово побарал командантот на КФОР. Решението за испраќање доплнителни сили за интервенција е донесено вчера, соопштил портпарол на Командата на силите за интервенција во Потсдам. Бројот на војници што се испратат ќе биде меѓу 500 и 550, а деталите, како што се вели, ќе бидат разработени во текот на наредните денови.

„Шпигел онлајн“ пишува дека на итно барање на НАТО, германскиот Бундесвер повторно ќе испрати 550 војници на Балканот и додава дека германските трупи, заедно со уште 150 дополнителни австриски војници би требало да спречат ескалација на насилството во северниот дел на Косово, пред одржувањето на изборите во Србија, на петти мај. Војниците се дел од таканаречените Оперативни резервни сили (ОРФ), кои беа повлечени од Косово само пред неколку недели. Сега, на први мај, би требало повторно на лице место да бидат подготвени за акција, пишува „Шпигел онлајн“.

Испраќањето на трупите, според Шпигел, ја илустрира тензичната состојба меѓу Србија и Косово. „Со актуелните спротивставени позиции што ги имаат Србија и Косово околу спроведувањето на изборите и веќе напрегнатата состојба во северно Косово, постои опасност од ескалација“, оценува Командата на силите во Потсдам. Таа додава дека постои „голем конфликтен потенцијал“ на цело Косово.

Инаку, силите за интервенција ОРФ беа повлечени неодамна од Косово во Германија по нивната прва кризна мисија. Во август минатата година, германскиот командант на силите на КФОР првпат побара ангажман на силите поради растечките тензии на Косово. Причина за ангажманот тогаш беше судирот околу компетенциите на граничните контроли меѓу Србија и Косово.