1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Официјален почеток на самит на Г8

7 јуни 2007

Како први гости канцеларката Ангела меркел ги дочека јапонскиот и италијанскиот премиер Шинзо Абе и Романо Проди.

https://p.dw.com/p/Ap0M
Ангела Меркел во разговор со Џорџ Буш во ХајлигендамФотографија: AP

Самитот на најразвиените земји во светот фактички почна уште вчера со индивидуалните средби што ги имаше германската канцеларка Ангела Меркел со колегите од останатите 7 земји учеснички. Главната тема при тоа беа обврзувачките цели во заштитата на климата. Даниел Шешкевиц известува.

Канцеларката Ангела Меркел првата средба во серијата му ја посвети на американскиот претседател Џорџ Буш, со кого имаше и работен ручек. По повеќе од едночасовниот разговор високиот гостин од Вашингтон вети барем учество на САД во мултилатералните преговори околу заштита на климата за договор што ќе го наследи оној од Кјото:

“Кај Вас дојдов со силна желба да работам на договор што ќе го наследи оној од Кјото, договор околу тоа како да ги оствариме важните цели за ограничување на штетните издувни гасови. Втора цел е поголемата независност на полето на снабдувањето со енергија.“ - порача Буш.

Домаќинката на средбата оцени дека била постигната голема мера на согласност, иако при тоа не прикриваше дека на самитот во Хајлигендам очигледно нема да има спогодба со конкретни обврзувачки цели за заштитата на климата.

“Мислам дека знаеме сите оти европските цели што си ги поставивме и од кои не отстапуваме ни понатаму, дека тие не можат веднаш да станат цели што ќе ги прифати целиот свет. Она што е за мене критериум за успешноста на самитот, тоа е дали на крајот ќе има напредок или не. А во таа насока е добро веќе и тоа што постои согласност околу фактот дека климатските промени ги прдизвикуваат луѓето и дека по договорот од Кјото ќе ни треба нов процес и тоа во рамките на ОН.“

Германската канцеларка сака до крајот на 2008-та да има обврзувачки цели околу заштитата на климата. При отворањето на средбата таа порача дека од самитот на Г8 треба да проистекнат и други важни сигнали, на пример на полето на глобализацијата. Обраќајки им се на критичарите на глобализацијата, таа порача:

“Нам како политичари ни е понекогаш потребен и поттик од невладините организации, но тој поттик мора да биде мирен, мора да биде конструктивен. Се‘ друго нема смисла, бидејќи глобализацијата е тука и станува збор само за тоа како да ја обликуваме.“