1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрабрувачки пораки за Блискиот Исток

19 август 2009

Односите меѓу САД, по доаѓањето на Барак Обама за претседател, и Египет се интензивираат. Хосни Мубарак во Вашингтон разговараше (18.08.2009) за конфликтот на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/JEBA
Барак Обама и Хосни МубаракФотографија: AP

Пријателски беше разговорот со американскиот домаќин, истакна египетскиот претседател Хосни Мубарак, по средбата со Обама во Белата Куќа, на која се разговарало и за спорната тема околу почитувањето на човековите права во Египет. Имено, пред средбата организациите за човекови права побараа од американскиот претседател отворено да разговара со Мубарак за темата за произволните апсења, измачувања и убиства на опозиционери од страна на тајната полиција на Мубарак.

„Факт е дека има полиња за кои немаме исто мислење“, призна Обама кусо по средбата со Мубарак. Како домаќин, тој на заедничката прес-конференција го одбегна терминот елементарни човекови права, кој играше централна улога во неговиот говор во Каиро пред два месеци. Но затоа Мубарак не се колебаше преку преведувачката да се осврне на спорната тема:

„Говоревме и за реформите во Египет. Јас јасно и пријателски му кажав на претседателот Обама дека на претстојните избори настапувам како реформист.“

Тоа звучеше како 81-годишниот Мубарак да планира по речиси три децении владеење повторно да се кандидира за претседателската функција во 2011 година и да не му ја предаде предвремено власта на неговиот син Гамал, кој го придружуваше во Вашингтон.

US-Präsident Barack Obama und der ägyptische Präsident Hosni Mubarak
Разлики, но и разбирањеФотографија: AP

Истакнување на тесната соработка

Мубарак потенцираше дека тесно соработува со Обама кога станува збор за конфликтните подрачја во светот. Американскиот претседател пак смета дека е видлив мал напредок, пред се’ во израелско-палестинскиот конфликт:

„Има придвижувања во вистинска насока“.

Како чекор во вистинска насока, Обама ја смета отстапката на израелската влада, која вети дека и во наредната година нема да одобрува изградба на нови еврејски населби на Западниот брег. Сега тој се надева дека ќе следуваат и отстапки и од Палестинците и соседните арапски земји:

„Се надевам дека, нема да видиме само отстапки од Израел.“

Во меѓувреме, истакна Обама , како на Палестинците така и на повеќето соседни земји едно им е јасно: правото на постоење на Израел е неприкосновено:

„Израел нема да исчезне. Тоа е факт, тоа е реалност“

Веќе во септември Обама сака да го претстави новиот мировен план за Блискиот Исток, изјави портпарол на египетскиот претседател. Самиот Мубарак пак додаде дека конечно мора да се дојде поблиску до решението за две држави, зашто времето за преодни решение за палестинските автономни области е минато.

Автор: Ралф Зина/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска