1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридско лето – културен код за Македонија

20 август 2010

Охридско лето и по пет децении од постоењето важи за најголема и најпрестижна музичко- сценска манифестација во Македонија. Подемите и падовите се составен дел од идејата- музиката и театарот да се на пиедесталот.

https://p.dw.com/p/OsQE
ОхридФотографија: Petr Stojanovski

Денеска (20.08.2010) официјално завршува 50 јубилејно издание на Охридско лето. Статистиката е неуморна. Во 50 години на Охридско лето изведени се преку 2500 фестивалски приредби, видени од милионска публика. На неколкуте отворени сцени и симболот на Охридско лето, катедралната црва Света Софија настапиле над 2000 инструменталисти и вокални солисти, 250 оркестри и хорски ансамбли и стотина театри. Нема меридијан на земјината топка од кадешто немало учесници на подиумите ширум Охрид.Тука се легендарните Леонид Коган и Андре Навара, Ростропович, Шеринг, Погорелиќ. Директорот Васил Зорски ги набројува и останатите:

„Првенката – вокалната солистка Елена Обрасцова од Русија, Катја Ричарели од Миланската скала. Викторија Де Лос Анџелес учителката на Хозе Караерас и самиот Карарас пред неколку години со кого го достигнавме врвот во вокалното пеење. Тука влегува Џеси Норман, па ѕвездите на руската опера “

Неостварен сон – концертна сала, сопствен хор и оркестар

„Охридско лето е најексплицитен доказ за автентичноста на силата на македонската музичка и сценска култура. И‘ припаѓам на генерацијата која растеше и зрееше покрај фестивалот“, изјави за Дојче веле пијанистката Снежана Анастасова Чадикоска, која сменила неколку улоги на Охридско лето за на јубилејното да биде одговорна за изработката на монографијата. Што му недостига на фестивалот? Чадикоска одговара:

„Уште во далечната 1964 славниот Леонид Коган во интервју вели дека на Охрид му треба затворена концертна сала. Која би го спасила фестивалот од стравот од дожд. Низ годините се среќаваат идеи на архитекти кои сонуваат за изградба на проѕирна затворена школка на Охридското Езеро. “

Panoramabild von Ohrid
Панорамска фотографија на ОхридФотографија: Petr Stojanovski

За жал, се‘ остана на желбите и идеите.

„Ако за три и пол децении се смениле само двајца директори на Охридско лето за неполни 15 години дури четворица. Тоа му пречи на континуитетот и градење стабилна екипа“, забележува Чадикоска и ни го откри мечтаењата од времето кога беше селектор:

„Тоа се два моменти. Формирање фестивалски хор и фестивалски оркестар, кои би дале програмска слобода за изведба на специјално одбрани вокално - инструментални дела на теми поврзани со Охрид , неговото минато, со Охрид како инспирација. “

Фестивалот успешно им пркоси на кризите и промените

Пензионираната новинарка Мирјана Мијалкова изминативе 50 години го следела растежот на фестивалот:

„Пораснав со овој фестивал, бидејќи мојот дом беше на 10 метри од Света Софија. Од првиот концерт на Ана Липша Тофовиќ јас бев присутна секое лето. Сега сум многу среќна што на овој јубилеј, 50 години, повторно сум тука. Како новинар со многу љубов го работав сето тоа. Во драг спомен ќе ми остане враќањето на амблемот, имџот на фестивалот – момчето со мандолина, дело на сликарот Кондоски. Фестивалот само така ќе ја задржи традицијата. “

Охридско лето од средината на деведесеттите од минатиот век е дел од Европската асоцијација на фестивали. И на јубилејното, како и на претходните во улога на изведувач и претседател на асоцијацијата беше присутен Дарко Брлек. Тој е задоволен што Охридско лето во услови на криза опстојува:

„Драго ми е што фестивалот е во добра кондиција веќе 50 години. Тоа не е мала работа. Има многу фестивали низ Европа кои исчезнаа, се раѓаат некои нови. Но да се издржи во вакви околности во кои поминавме изминативе 20 години, тоа не е лесно. Им честитам на министерството за култура и градот Охрид. Фестивалите не се само концерти, туку и можност за меѓукултурен дијалог. Сега кога се среќаваме со раководства на фестивалите од поранешна Југославија градиме многу подобри релации отколку во последниве години,“ рече Брлек.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска