1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Охридско лето“ - отскочна штица за македонските уметници

Милкчо Јованоски21 август 2013

Со настапот на театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник синоќа (20.08) во Охрид заврши 53. „Охридско лето“. Селекторите велат - фестивалот за македонските уметници бил и ќе остане отворен „прозорец кон светот“.

https://p.dw.com/p/19Tph
Фотографија: DW/Milco Jovanoski

Со секое ново издание „Охридско лето“ е побогато со нови уметнички дострели - публиката со впечатоци за долго паметење, а организаторите со искуство плус. По смената на генерациите и неколкуте турбулентни години, фестивалот конечно заплови во помирни води. Селекторите, колку што им дозволува скромниот буџет споредено со фестивалите во регионот, се трудат да ги реализираат основните замисли и повеќе од тоа. „Охридско лето“ не е празник и наслада само за публиката, туку и за македонските уметници и ансамбли. Настапот на подиумите во Охрид за нив значи постигнување на зрелост, чест, но и доказ дека од тој миг за нив се отвора можноста и за интернационална кариера. Во над петте децении постоење, преку учеството на фестивалот започнале низа индивидуални кариери на македонски актери, репродуктивци, солисти и ансамбли. Пијанистот Симон Трпчевски, на пример, го сметаат за дете од подиумот во Света Софија. Тој подоцна направи меѓународна кариера, но не го заборава Охрид.

Копродукциите се иднина за препознавање на македонскиот театарски код

Најсвеж пример за успешност и трансфер на македонската уметност надвор од нејзините граници е ангажманот на режисерот Дејан Пројковски во театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник и изведбата на „Браќа Карамазови“ од Достоевски. По двеипол децении пак се вкрстија патиштата на „Охридско лето“ и „Дубровничките летни игри“. Селекторот на драмската програма, актерот Ѓорѓи Јолевски, вели:

Gorgji Jolevski Direktor der Sommerfestspielen in Ohrid
Ѓорги Јолевски: Многу македонски и меѓународни копродукции прошетале по светот, откако биле изведен на Охридско летоФотографија: DW/M. Jovanovski

„Секое издание на ’Охридско лето’ нуди нова палета на актерски, режисерски остварувања и продукции, на кои фестивалот им е отскочна штица за градење на иднината.“Јолески како успешен спој го посочува отворањето на минатогодишното „Охридско лето“ со копродукцискиот проект на Битолскиот народен театар и театарот „Вера Комесаржескаја“ од Санкт Петребург. На директорот на театарот Виктор Новиков македонската министерка Елизабета Канчевска-Милеска минатата година му врачи специјално признание „Пријател на Македонија“. Новиков во неколку наврати го однесе Битолскиот театар во Русија, а беше врската и дузина македонски уметници и режисери да направат пробив во оваа земја. „Охридско лето“, пред да го освојат светот, им стои запишано и во портфолијата на ред други македонски актери, режисери, сценографи... „Многу македонски и меѓународни копродукции прошетале по светот, откако биле изведен на ’Охридско лето’. Простор за докажување и условно бришење на гранциите во театарот одамна е отворен и освоен“, вели Јолевски .

Македонските композитори и ноти на светските музички подиуми се реалност

„Охридско лето“ посебно внимание посветува на спојот помеѓу македонските национални институции и врвните светски уметници. Доказ за тоа беше концертот на годинешното свечено отворање на фестивалот. Оркестарот и хорот на Македонската опера и балет настапија заедно со големиот светски баритон Дмитриј Хворостовски и маестро Константин Орбелиан. Ова лето во Охрид беше и легендата меѓу композиторите, маестро Кшиштоф Пендерецки, кој настапи со Македонската филхармонија. И не само што им го зголемува искуството и квалитетот, ова им дава можност на македонските ансамбли да ја продолжат соработката со истите уметници по светот, вели селекторката на музичката програма Гордана Јосифова- Неделковска и додава: „Наша заложба е композициите од македонски автори да доживеат изведба и од странски уметници и ансамбли. Во историјата на фестивалот тоа се случувало многу често. Македонскиот диригент Борјан Цанев ова лето на фестивалот во Котор на свеченото отворање настапи со Црногорскиот симфониски оркестар и пијанистот Иво Погорелиќ. Поканата Цанев да диригира во Котор е плод на ’Охридско лето’ и неговиот ангажман на фестивалот од пред 2 години.“

Gordana Josifova Nedelkovska
Гордана Јосифова-Неделковска: Наша заложба е композициите од македонски автори да доживеат изведба и од странски уметници и ансамблиФотографија: DW/Milco Jovanoski

На Македонија и‘ е неопходна концертна дирекција

Во класичната музика не може да стане збор за профит, туку во неа треба да се вложува, бидејќи тоа е поддршка на вистинските вредности на македонската уметност и творештво, смета Неделковска: „Како национална стратегија за пласирање на македонските уметници во, и особено за надвор од Македонија, е неопходно оформување на концертна агенција којашто ќе има примарна и единствена задача - организирање на концертниот живот во земјата и уметничка презентација на успешните македонски уметници во светот.“ Селекторката Неделковска најавува скоро потпишување договори за соработка на „Охридско лето“ со редица фестивали кои ќе донесат гарантиран реципроцитет на уметници.