1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридско лето - 50 години за паметење

13 јули 2010

Со многу возбуда, музички и драмски набој е отворено 50-то Охридско лето. Манифестација, која важи за македонски културен прозорец кон светот и е членка на Европската асоцијација на фестивали.

https://p.dw.com/p/OHnN
Отворено 50-то Охридско летоФотографија: Milco Jovanoski

Ноќ за паметење, рекоа мнозина. На Антички имаше близу 3000 гледачи. Во далечната 1961 под сводот на Света Софија оперската певица Ана Липша Тофовиќ ја започна историјата. Пет децении подоцна отсутна поради годините, со слика која потсети на нејзините настапи во Охрид, со глас да посака: „Да е вечно Охридско лето, како што е вечна Македонија“.

Ohrid
Охрид - културна ризницаФотографија: Petr Stojanovski

Македонската министерка за култура Елизабета Канчевска – Милеска потсети на уметничката историја на фестивалот и порача: „Заеднички да го продолжиме ова патување низ земјата на чудата, каде што сите ги разбираат сите, бидејќи зборуваат на најуниверзалниот јазик на светот - уметноста. Блескавите моменти на иднината Охридско лето се’ уште се пред нас.“

За Охридско лето - Орден за заслуги за Македонија

Фестивалот и публиката ги паметат виртуозите: Коган, Шеринг, Навара, Карерас, Мехта, Норман. Охридско лето било втор дом на плејада други македонски и балкански актери и режисери кои оживеаа голем број македонски, но и странски класици и современи автори: „Токму уметниците биле, се и ќе бидат гласници на мирот, толеранцијата и разбирањето, тие биле, се и ќе бидат главните градители на мостовите кои не поврзуваат сите нас,“ рече претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Иванов вчера (12.07.10) го одликува фестивалот со Орден за заслуги за Македонија за долгогодишното промовирање на македонската култура во светот.

На отворањето микс од класика и театар

Der russische Pianist und Dirigent Michail Pletnjow
Рускиот диригент ПлетњовФотографија: Milco Jovanoski

Честа да го отворат јубилејното Охридско лето им припадна на Рускиот национален оркестар предводен од диригентот Михаил Плетњов, кој и пред 25 години бил на фестивалот и на македонскиот пијанист Симон Трпчески, кој миговите на славата ги започнуваше токму во Охрид. Трпчевски за нецела година по вторпат настапи со Рускиот национален оркестар. „Посебна инспирација беше што настапив со човекот од кој сум учел како мал, од кој и денес учам – диригентот Плетњов, како пијанистичка легенда и како фантастичен музичар. Можевте да забележите на сцената еден спонтан однос, иако имавме само една куса проба. Публиката на крај не поздрави со огромен аплауз.“

Mazedonien Musik Pianist Simon Trpcevski
Симон ТрпчевскиФотографија: MIA

Бисот Трпчевски им го посвети на штимерите на клавирот, а Рускиот национален оркестар публиката освен со изведбата на делата на Чајковски и Рахмањинов ја почести и со прерабтоката на „Билјана платно белеше“.

Сценаристката Зоја Бузалкоска и режисерот Иван Поповски преку „патувањето“ низ годините и 10 монолози со искусни македонски актери, потсетија на драмскиот растеж на манифестацијата. Меѓу нив и Благоја Чоревски: „Милион пати сум учествувал на Охридско лето и секогаш ми е како првпат.“

Со танчерско – акробатска игра и безброј балони и симболи пуштени во небото беше претставена иднината на фестивалот. До 20 август Охридско лето ќе понуди 25 концерти, 13 театарски претстави, 1 балет и 1 оперска – гала вечер, настапи на солисти и дуо состави и 10 концерти на оркестри и камерни состави.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска