1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид бара странски инвеститори

Милчо Јованоски27 јули 2013

По примерот на Владата градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески формираше Локален економски совет. Идејата е градските татковци да се грижат за развојот на општината и да привлечат инвеститори и свеж капитал.

https://p.dw.com/p/19F5k
Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

Новата локална власт во Охрид од самиот почеток на мандатот бара начини како да се придвижи „заспаната “ локална економија. „Во Локалниот економски совет има членови на МАНУ експерти од Факултетот за туризам и угостителство, Економскиот факултет во Скопје... Сите се со потекло од Охрид и сакат да помогнат. Тоа е тим кој ќе дава предлози и проекти кои ќе овозможат да се подбри економскиот стандард на граѓаните и да креираме нови работни места, “ вели градоначалникот Никола Бакрачески. Според  Бранко Азески – претседател на Стопанската комора на Македонија државата мора да изгради посебна политика кон Охрид, зашто состојбите се алармантни: „Југозападниот плански регион во кој е Охрид има најголем број невработени 11,8%, тоа е повисока стапка на невработеност споредено со просекот  во Македонија. Регионот има помал бруто домашниот производ  по лице отколку на ниво на земјата, а процентот на иселување на младо население е висок.“ 

Умно да се искористат предностите на Охрид

Зад градоначалникот за нецели три месеци се безброј средби со инвеститори претежно од странство,но и Македонија и средби со амбасадорите од кои бараше помош за комуникација со компании за кои Охрид би бил интересен. „Ги нудиме извонредните можности за развој на здравствениот туризам, нудиме локации за изградба на луксузни хотели,а акцент е ставен на развојот на авиосообраќајот од и кон Охрид. Во таа насока беа и моите средби со претставнци на компаниите „Визар“ „Пегасус“ и „Туркиш ерлајнс“. Заедно со Владата бараме начин  што побрзо да отпочне  изградбата на автопат  Гостивар - Охрид и изградба на нов пат од Охрид до Св. Наум,“открива градоначалникот Бакрачески. Член на Советот на градски татковци е и министерот за привлекување странски инвестиции во Македонија Бил Павлески.Негова задача е да ја синхорнизира соработката меѓу Владата и дел од националните проекти да ги пренасочи во Охрид.  „Од повеќе причини прв на  листата која им ја нудам на потенцијалните странски инвеститори е Охрид. Неодамна  во Охрид се одржуваше работилница на НАТО за заштита од сајбер криминал. Присутните претставници на компании од компјутерската индустрија која е во раст и доаѓаат претежно од САД ми рекоа дека Охрид  ги потсетува на „Силиконската долина“ и дека тој таа улога би можел да ја преземе за регионот и Европа. Покрај лесната индустрија и туризмот, развојот на информатичката индустрија е интересен предизвик. Бизнисменот  Борче Нечкоски  кој има фабрика за конзервиран зеленчук и овошје и преку сопствена трговија успешно ги пласира производите во неколку земји од поранешна Југославија потенцира: „Мораме да се трудиме  секоја педа земја да ја искористиме за производство на здрава храна која е барана на пазарот. Туризмот, како приоритет комплементарно ќе го помагаме и со свежи продукти,а ќе имаме и за извоз. На тој начин користа ќе биде двојна, ќе се развива економијата, ќе се отворат работни места за лица кои ќе ги следат трендовите во областа на еко храната.“  Министерот Павлески за Дојче веле изјави дека Владата до крајот на годинава ќе формира слободна индустриска зона меѓу Охрид и Струга во близина на аеродоромот и начелно веќе имало најава на компании кои сакаат да отворат фабрики токму таму. Деновиве Владата објави листа на постоечки објекти, некогашни гиганти кои сега во најголем дел зјаат празни. На странците за инвестирање во Охрид им се нудат: ЕМО, Отекс , Застава, Езерка и хотелот Фламенго.

Leon Bakraceski
Никола БакраческиФотографија: Milco Jovanoski

Со кредит до нов инвестициски циклус 

Секторот за туризам и локален економски развој ги повика заинтересирани кои имаат сопствено земјиште или други недвижности во Охрид, да поднесат проектни пријави кои опфаќаат разработени идеи од интерес за странски и домашни инвеститори во девет области, меѓу кои: туризмот, агробизнисот, енергетиката, текстилот. Ќе се печати брошура  „Инвестирајте во Охрид“. Градоначалникот Бакрачески е категоричен: „Големите долгови на општината не значат дека ние треба да стоиме во место. Има проблеми и потреби кои треба да се решаваат. Во делот на инфраструктурата, локалната патна мрежа, изградба на водоводи, атмосферска канализација, реконструкција на училишта и набавка на возила за ЈП Комуналец. Преку министерството за финансии изработен е план за користење кредит од Светска банка со поволна каматна стапка и грејс период кој наскоро ќе го добиеме“.