1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очалан објави крај на војната против Турција

Б. Георгиевски/ртр21 март 2013

Курдскиот бунтовнички лидер повика на прекин на огнот и повлекување на припадниците на Курдската работничка партија (ПКК) од Турција, како дел од мировниот процес за ставање крај на деценискиот конфликт.

https://p.dw.com/p/181LS
Фотографија: Reuters

Затворениот курдски лидер Абдула Очалан денеска им нареди на своите борци да ги прекинат борбите и да се повлечат од турска територија.

Стотици илјади Курди излегоа на улиците во регионалниот центар Дијарбакир за да ја слушнат и поздрават пораката на Очалан, кој е во затвор од 1999 година. Пораката, чија презентација беше темпирана за денешната прослава на курдската Нова Година, беше прочитана од курдски политичар на турски и курдски јазик.

„Нека замолкне оружјето, а политиката нека доминира. Дојде моментот кога нашите вооружени сили треба да се повлечат надвор од границите... Тоа не е крајот, туку почетокот на нова ера“, се наведува во пораката на Очалан.

Пораката на курдскиот лидер кој отслужува доживотна затворска казна поради тероризам е врвот на повеќегодишните преговори меѓу турската влада и претставници на Курдската работничка партија. Исламистичката влада на премиерот Речеп Таип Ердоган уште од доаѓањето на власт во 2002 година го постави решавањето на курдското прашање како еден од своите приоритети. Во изминатите години беа организирани повеќе јавни и тајни преговарачки рунди меѓу двете страни, а од минатата година турски функционери почнаа и директни преговори со Очалан во неговата затворска келија во затворот во близина на Истанбул.

На Курдите во изминатиот период веќе им беа дадени поголеми права, а доколку се реализира договорот со ПКК се очекува тие да добијат и некој вид уставно загарантирана политичка и културна автономија.

Kurdischer Rebellenführer Abdullah Öcalan
Абдула ОчаланФотографија: Reuters

Двете страни и во минатото постигнуваа примирја кои не траеја долго, но овојпат аналитичарите се поголеми оптимисти иако признаваат дека очекуваат опструкции од радикали на обете страни. Во изминативе неколку дена радикални левичарски групи изведоа неколку бомбашки напади врз згради на турската влада и на владејачката АКП, кои според премиерот Ердоган биле насочени против договореното примирје.
Градоначалникот на Дијарбакир, Абдула Демирбаш вели дека постојат сили кои сакаат продолжение на војната, но мнозинството од населението го поддржува мировниот процес. Тој оценува дека е ова последната шанса за мир.

„Новата генерација е како бура. Таа е порадикална. Тие никогаш не знаеле за мир меѓу Турците и Курдите. Сега се уште имаме шанса да убедиме некои од нив. Но доколку ги загубиме и овојпат, никогаш повеќе нема да не слушаат“, вели Демирбаш.