1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очајот на македонскиот фудбал

12 октомври 2011

Македонија против Словачка - 1:1. Пирошка доби подарок-гол од македонската одбрана, Новески ја спаси честа на македонската репрезентација. Малиот број гледачи без емоции го проследи последниот чин од квалификациите за ЕП

https://p.dw.com/p/12qTU
Фотографија: DW/AP

Празниот стадион и индиферентноста се рефлексија од јавноста за учинокот на националниот тим. Никогаш побезличен и попоразителен. Со само 8 освоени бодови, од кои 6 против аутсајдерот Андора, со само 8 дадени голови, со претпоследно место во групата од квалификациите за Европското фудбалско првенство, Македонија остана многу далеку од најдобрите, Русија и Република Ирска.

По првите 6 кола, селекторот Мирсад Јонуз доби отказ, а ниту со смената со славното тренерско име Џон Тошак раштимуваниот тим не се хармонизира. Од 46-то пред 3 години, Македонија падна на 94-то место на ранг-листата на ФИФА.

Апсолутен неуспех!

Најголемото македонско фудбалско име Дарко Панчев за Дојче веле го коментира актуелниот момент:

„Резултатски гледано, ова е најнеуспешен настап досега. Тоа и медиумите го констатираа. Македонија отиде и под она 4-то место на кое обично бевме навикнати. Треба да се направи анализа зошто е тоа така. Ќе повторам, ова е апсолутен неуспех!“

Fußballer Darko Pancev
Дарко Панчев: Ќе треба многу труд за да се склопи искршениот фудбалски мозаикФотографија: DW

За неуспехот има многу причини, но една од најголемите е многу слабата ефикасност на играчите задолжени за голови, коментира Панчев.

„Сите знаеме дека ако нема ефикасност и голови тешко се постигнуваат резултати. Почнувајќи од нашиот лидер Горан Пандев, преку Наумовски, па до младиот Тричковски, кој стана стандарден репрезентативец, мислам дека потфрлија кога е ефикасноста во прашање. Во целиот квалификациски циклус вие сте главен играч, а не постигнувате ниту еден погодок! Мислам дека објективно, тоа е недозволиво! Дали има објективни или субјективни причини, тоа е друго прашање.Има стручен штаб, кој тоа треба да го анализира.“

Залагањето изостана, подмладувањето е неопходно

Со бремето на овој резултатски дебакл, репрезентацијата на Македонија ќе влезе во квалификациите за наредното Светско првенство. Има ли Македонија капацитет за подобар учинок? Според Дарко Панчев, ќе треба многу труд за да се склопи искршениот фудбалски мозаик.

Fußball auf dem Rasen
Топката се врти, но никако да се заврти во насока на успехФотографија: picture-alliance/augenklick/firo Sportphoto

„Да го земеме примерот на кошаркарите. Никој не веруваше во нив! Можеби и тие беа лимитирани во одредени работи, но со максимално залагање, со лавовско срце со кое излегуваа на терен, извлекоа максимум. Оваа фудбалска репрезентација, оваа генерација тој максимим ретко кога го давала. Тоа е еден од одговорите за неуспесите во изминатите 6-7 години кои се зад нас. А, тоа се континуирани циклуси за европско и за светско првенство. За жал, оваа селекција не направи ништо. Останува да се концентрираме, да му помогнеме на Тошак колку што е можно. И тој самиот веројатно ќе се увери во некои работи. Мислам дека време е и да се подмлади репрезентацијата, бидејќи многу фудбалери добија шанса, но ништо не направија!“, вели Дарко Панчев.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска