1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очи в очи со убиецот на својот татко

Андреа Грунау/ Б. Георгиевски5 ноември 2013

Гамзе Кубашик денеска пред судот во Минхен ќе сведочи за убиството на нејзиниот татко од страна на припадниците на терористичката неонацистичка ќелија - НСУ. Се надева дека процесот ќе стави крај на нејзините страдања.

https://p.dw.com/p/1ABcU
Фотографија: DW/A.Grunau

Во ноќите пред почетокот на мамутското судење на учесниците и помагачите на терористичката организација Националсоцијалистичко подземје (НСУ), Гамзе Кубашик тешко пронаоѓа мир. Овојпат затегнатоста е уште поголема. Денеска (05.11) Кубашик е повикана во Вишиот покраински суд во Минхен за да сведочи во врска со убиството на својот татко Мехмет Кубашик, една од жртвите на убијците на НСУ. Гамзе ќе се најде очи в очи со првообвинетата во процесот, Беате Чепе, која се смета за едно од трите лица кои ја основале НСУ.

Кога говори за Беате Чепе, Кубашик говори за „онаа жена“. Она што за цело време го претпоставувала ѝ се потврдило при првата директна средба со обвинетата неонацистка. „Таа не е човек. Во нејзините очи не можев да препознам ниту трошка каење“, вели Кубашик. Таа е длабоко уверена дека настапот на Чепе, која од почетокот на судењето им го врти грбот на камерите и притоа опуштено разговара со своите адвокати, е дел од стратегијата. „Тоа е чиста провокација“, вели Кубашик. Таа лично тешко го поднесува таквото однесување на првообвинетата. И покрај тоа, сака да покаже сила и да даде исказ пред судот, без разлика колку енергија ќе и‘ биде потребна за тоа.

Истрага во погрешен правец

Гамзе сака сите да дознаат што му се случи на нејзиното семејство на кобниот 4. април 2006. година во Дортмунд, во малиот киоск во близина на железничката станица. Нејзиниот татко, сопственик на киоскот, таму беше пронајден мртов со прострелни рани во главата.

NSU Prozess 30.09.2013 München
Беате ЧепеФотографија: picture-alliance/dpa

И како сето тоа да не беше доволно, следеа тешки месеци за семејството Кубашик, бидејќи полицијата поаѓаше од тоа дека убиството е всушност пресметка во рамките на криминално милје и се сомневаше дека Мехмет Кубашик е трговец со дрога.

„На мојот татко на тој начин му беше одземено достоинството“, вели Гамзе. По смртта на таткото, семејството останало без основниот извор на приход и се нашло во многу тешка материјална состојба.

Слично како и во случајот на нејзиниот татко, полицијата и во истрагата за останатите девет убиства појде од тоа дека се работи за пресметки во рамките на иселеничкото криминално милје. Мнозинството убиени беа Турци, како и еден Грк. Убиена беше и една полицајка.

„Системот во целост потфрли. Тие убиства можеа да бидат спречени“, смета Гамзе. Нејзините ставови ги потврдува и завршниот извештај на комисијата на Бундестагот која ги истражуваше убиствата сторени од НСУ.

„Жалам“ не е доволно

Гамзе и останатите членови на семејствата на жртвите на теророт на НСУ беа примени од највисоките германски политичари, претседателот Јоахим Гаук и канцеларката Ангела Меркел. Тие изразија жалење за пропустите на безбедносните служби. На семејството Кубашик тоа многу им значи, но се‘ уште ги мачи тоа што пропустите не се до крај расветлени и што недостасуваат важни документи. „Не е доволно само некој да каже: Жал ни е што системот потфрли. Дали им е ним јасно дека јас го загубив својот татко?“ Гамзе веќе размислувала да ја напушти Германија, но оваа 28-годишна девојка одлучила сепак да остане за да не ги остави на цедило нејзината мајка и помладите браќа. Мајката по убиството страда од напади на анксиозност. Најмладиот брат има 13 години, а најстариот неодамна наполни 18 години и денеска сака за првпат да присуствува на судењето.

Gamze Kubasik Joachim Gauck Bundestag
Гамзе Кубашик и претседателот Јоахим ГаукФотографија: Getty Images

„Кога процесот еден ден ќе заврши, се надевам дека ќе можам да пронајдам мир и да водам колку-толку нормален живот. Тоа е мојата најголема желба“, вели Гамзе Кубашик.