1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оџалан бара широка автономија за Курдите

17 август 2009

Шансата за решение за „курдското прашање“ во Турција е поповолна од кога и да е досега. Владата подготвува иницијативи. Шефот на забранетата ПКК Абдула Оџалан најави „мировен план“ за решавање на проблемот.

https://p.dw.com/p/JChM
Шефот на ПКК Абдула ОџаланФотографија: AP

Шефот на ПКК Абдула Оџалан, кој издржува доживотна казна затвор на островот Имрали, најави дека ќе достави документ, „патоказ“ за решавање на „курдското прашање“ во Турција. Документот е во завршна фаза, соопштија адвокатите на Оџалан и тој целосно ќе биде објавен во текот на неделава. Во разговорот со адвокатите Оџалан меѓутоа веќе обeлодени дека бара широка автономија за Курдите во Турција. Во рамките на решавање на конфликтот, Курдите мораат да добијат право на политичка и културна самоуправа, рече Оџалан при посетата на неговите адвокати во затворот во близина на Истанбул. Во разговорот со нив Оџалан истакна дека околу дванаесет милиони Курди би се определиле за турската држава, доколку државата би го признала правото на Курдите за демократско самоопределување. Според шефот на ПКК, самоопределувањето не би го опфаќало само правото на сопствени спортски здруженија, образовни институции и локална управа туку и формирање милиции кои би можеле да ги решаваат споровите меѓу Курдите. Најмалку последното барање може да биде непријатно за Анкара.

Турција мора објективно да се соочи со „курдското прашање“

Türkischer Premierminister Tayyip Erdogan
Премиерот ЕрдоанФотографија: AP

Владата во Анкара исто така подготвува план за решавање на конфликтот. На првичните најави на Оџалан соодветно реагираше и премиерот Реџеп Таип Ердоан. „Мора да си поставиме одредени прашања - целата нација мора објективно да се соочи со тоа. Каде ги направивме грешките? Каде беше применета несоодветна политика? Каде постапивме погрешно?“

Покрај поттикот за борците на ПКК да ја прекинат вооружената борба, властите предуваат покрај другото на селата и градовите во Јужна Анадолија да им бидат вратени првобитните курдски имиња. За властите да покажат сериозност во намерата, претседателот Абдула Ѓул неодамна го посети Гиројмак во провинцијата Битлис и го нарече градот, на радост на граѓаните, со неговото поранешно име, Норсин. „Среќно чувство е да се дознае, дека повторно ќе биде воведено старото име,“ вели еден граѓанин.

Премиерот Ердоан презеде уште еден важен чекор

Шефот на турската влада Реџеп Таип Ердоан се сретна со претставници на курдската опозициона партија ДТП, за која делумно постои сомневање дека е продолжена рака на ПКК. Имено, 21-от пратеник на партијата недоволно јасно се дистанцираат од терористичката група. Истовремено премиерот рече дека за него ДТП и ПКК не се на иста линија. Зборови кои го израдуваа Ахмет Тирк, претседател на партијата ДТП. „Стоиме на почетокот на една ера, во која нашите народи овде во Турција ќе станат братски. Се надеваме дека ќе дојде до позитивен развој, кој ќе доведе до уште подемократски односи. Се разбира дека не‘ очекуваат важни задачи и голема одговорност.“

Kurden Demonstration in Hannover Newroz
Демонстрации на КурдиФотографија: AP

Мнозинството од населението ја поздравува иницијативата на владата. Иако се’ уште има задршки, сепак се чини дека скепсата е помала од надежта. Опозицијата во Турција пак тешко ја прифаќа инцијатавата дури и во нејзината сегашна малку конкретна форма. Имено, тие го сметаат приближувањето кон Курдите за предавство на идејата на Ататурк за културно и јазично хомогена национална држава.

Автор: Улрих Пик /афп/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска