1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оџачар - дефицитарна професија во Македонија

Милчо Јованоски9 ноември 2012

Честото поскапување на енергенсите, посебно на струјата, ги натера граѓаните во Македонија да му се вратат на греењето на дрва. Со години, незапалените оџаци требаше некој да ги исчисти. Работа многу, оџачари малку.

https://p.dw.com/p/16fvz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се‘ повеќе Македонци зимава ќе се греат на дрва. Изгор цените на електричната енергија, нафтата и парното го сторија своето. Од подрумите се вадат печките на дрва, се купуваат камини и се бараат оџачари да ги исчистат оџаците по куќите, но и по колективните станбени згради. Но оџачари има се‘ помалку.

Во Скопје, на пример, некогаш функционирало претпријатието „Оџачар“, во кое работеле околу 100 оџачари. Денеска, според наши сознанија, работат само два регистрирани оџачарски сервиси со десетина оџачари. Професијата оџачар е дефицитарна и низ цела Македонија. Тие кои се занимаваат со неа се веќе во поодминати години, некои го презеле занаетот од своите најблиски, а други сфатиле дека тоа сега може да биде добар бизнис.

Сите сакаат канцеларија, никој не сака на покриви

Горан Маркоски од Охрид две децении е пожарникар, а од пред извесно време го прифатил предизвикот да биде оџачар. „Пребарував и по интернет, сите со факултети, никој не сака да се валка. Сите сакаат да се чисти и во канцеларија. Така и во Охрид е доста дефицитарен овој кадар. За мене најголемо задоволство е кога ќе го одзатнам оџакот и кога домаќинката и домаќинот ќе се задоволни и кога ќе можат да си ја презимат зимата, така како што треба - во топол дом.“

Goran Markoski Schornsteinfeger aus Mazedonien
Горан Маркоски од Охрид две децении е пожарникарФотографија: DW

И се‘ е во стилот на приказната за штурецот и мравката. Во жештините кога времето беше идеално да се исчистат оџаците, ретко кој ги бараше. Сега, кога малку застуде и започна грејната сезона, ги бараат сите, а тие се премалку за да стигнат насекаде. „Народот мисли дека оџачарот носи среќа. Јас верувам дека е така. Среќа им носи само на тие домаќини на кои што им сме го исчистиле оџакот. Професијата оџачар е доста физички тешка. Се работи на одредени висини и на места често недостапни за обичните луѓе“, вели Горан.

Расте бројот на пожарите од запалени оџаци

Ако оџакот не е исчистен навреме, станарите ги демнат несакани пожари. Тогаш се отвора работа за пожарникарите. Бројот на интервенциите за гаснење пожар, во кој причина биле неисчистени оџаци, од година во година расте.

Feuerwehr in Ohrid, Mazedonien
Противпожарната единица од ОхридФотографија: DW

„Досега во 2012 година имаме околу шеесетина интервенции на запалени оџаци и чадни канали. Ги советуваме сопствениците на тие објекти каде што таков оџак сме згаснале, во иднина да не го употребуваат оџакот додека не го исчистат“, објаснува Ацо Атанасов, командир на смена во Противпожарната единица од Охрид.

„Интересна случка имавме во едно охридско село. Оџакот не беше горен со години и наидовме на гнездо од стршни. Моравме да создадеме топлина, запаливме книга за да ги избркаме некако од оџакот. Во друг, долго време неупотребуван оџак, наидовме на седело од страчки, во кое имаа носено ореви и коски од помали животни“, раскажува оџачарот Горан .

Прописите во оџачарската дејност во Македонија се стари скоро три децении. Според нив, оџаците во индивидуалните градби треба да се чистат два пати годишно, а во јавните објекти еднаш месечно додека трае грејната сезона. Ова ретко кој го почитува. Оџачарите од град во град наплатуваат различно од 500 до 1000 денари за исчистен оџак. Мит или реалност, сеедно. Важна е сигурноста – еднаква на среќа.