1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

25 јуни 2009

Економски пулсирања - избор вести од економијата.

https://p.dw.com/p/Iau6

Американската емисиона банка во најновиот извештај оценува дека продолжува запирањето на надолниот тренд во економијата. Од финансиските и пазарите на недвижности има знаци на стабилизација. Но, Федерал ризрв-банката очекува и во наредниот период слаба којнуктура. Каматата на средствата што таа банка им ги позајмува на деловните банки, останува на историски најниското ниво од 0 до 0,25 насто, како што беше утврдена уште кон средината на декември, минатата година.

*******************

На конференцијата на ОН за последиците од светската економска криза, што се одржува во Њујорк, повеќе држави побараа поголемо влијание на земјите во развој во меѓународните финансиски институции. Мора соодветно да бидат подобрени структурите на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои ги донесуваат решенијата, рече кинескиот министер за надворешни работи Јанг Џиечи. Неговиот јужноафрикански колега по функција Маите Нкоана-Машабане, исто така побара поголемо учество на сиромашните држави во процесите на донесување решенија во меѓународните финснсиски институции. Државите во развој, кои претставуваат мнозинство од 192 земји-членки на ОН, според сопствени, наводи плаќаат највисока цена за кризата предизвикана од богатите земји. На тридневната конференција учествуваат околу 120 земји. Најголемиот дел од индустриските држави се застапени со делегации на пониско ниво.

*******************

Светската трговска организација проценува дека падот на трговијата во светот, годинава, ќе изнесува околу 10 проценти. Шефот на СТО, Паскал Лами, искажа воздржаност во однос на тоа - дали во наредната година ќе може да биде доведена до крај рундата од Доха, односно преговорите за либерализација на трговијата. Укинувањето на царини и трговски пречки би бил важен импулс за поддршка на размената на стоки во најтешката економска криза за повеќе децении.

*******************

Преговорите околу иднината на германскиот производител на автомобили „Опел“ запаѓаат во временски теснец. Според медиумски извештаи, „Опел“ прави пет до шест милиони евра загуба дневно. Најдоцна до средината на септември, мора договорно да биде регулирана иднината на производителот на автомобили. За премостување на овој период ќе бидат доволни средствата од еднаипол милијарда, што ги ставија на располагање федерацијата и германските покраини во кои има фабрики на „Опел“.

*******************

Антон Бернер, претседател на Сојузното здружение на германската трговија на големо и надворешна трговија, проценува дека веќе наскоро, најдоцна на почетокот на септември, банките ќе ја затворат славината за средства за стопанството. Новите прописи ги принудуваат драстично да го наголемат сопствениот капитал, а последица ќе биде намалување на кредитирањето, вели Бернер. Тој критикува и дека банките не ги пренесуваат натаму врз клиентите ниските камати на Европската централна банка. На овој начин, банките се санираат самите себе си на товар на претпријатијата, вели Бернер.

Автор: ЗЈ/ЖА/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска