1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакт против САД?

17 октомври 2007

Земјите од брегот на Каспиското море договорија да не дозволат трета држава да користи нивни територии за напад против земја-членка на организацијата. Договор за меѓусебна распределба на резервите на нафта и гас

https://p.dw.com/p/BrqX
Путин и АхмадинеџадФотографија: AP

Со договорот постигнат на средбата во Техеран се поставени темели за почеток на преговори за правата на користење на природните резерви во регионот на најголемото затворено море во светот. Под него се претпоставува постоење на огромни резерви од нафта и гас, кои се проценуваат на околу 200 милијарди тони - поголеми отколку резервите во Европа и САД заедно.

Шефовите на држави учеството на средбата го искористија и за да ги нагласат своите позиции во однос на светската политика. Домаќинот, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад рече: “Сите држави од брегот на Каспиското море се согласни околу принципот дека прашањата во врска со морето можат и мораат да бидат разгледувани само од тие држави. Ова е внатрешно, затворено море и им припаѓа на сите држави од неговиот брег. Поради тоа смее да биде дозволено само присуство на нивни бродови и нивна војска”.

Рускиот претседател Владимир Путин го нагласи мирољубивиот карактер на конференцијата во Техеран и рече дека е договорено во иднина меѓусебно да се соработува и да не и’ се дозволи на ниедна трета држава територијата на земјите расположени околу Каспиското море да ја користи за напад или други воени акции против некоја од земјите-членки на оваа организација. Изјавата во прв ред се интерпретира како пакт против САД.

Инаку, во Техеран во доверба се вели дека посетата на Путин се смета за многу поважна од самата конференција, на која учествуваа и претседателите на Казахстан, Азербејџан и Туркменистан. Иран очекува негова подршка против плановите на Европејците и на САД за заострување на економските санкции против Иран во спорот околу атомската програма. Москва тоа го смета за несоодветно.

Путин синоќа во разговор со Ахмадинеџад му вети на Иран дека ќе биде довршена атомската централа во Бушер, што ја довршуваат руски фирми, а ја започна германски Сименс во 70-тите години. Реакторот на лесна вода првобитно требаше да биде пуштен во погон во 2000-та година, а оддолжувањето Русија досега го образложуваше со заостанување во плаќањето од страна на Иран.

Улрих Пик