1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестинска држава до 2011 година?

10 јуни 2009

Американскиот пратеник за Блискиот исток, Џорџ Мичел, во Ерусалим побара итно продолжување на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците. Израелскиот претседател Шимон Перес е согласен со заживување на разговорите.

https://p.dw.com/p/I6c7
Џорџ Мичел со израелскиот претседател Шимон ПересФотографија: picture-alliance/ dpa

Џорџ Мичел в петок ќе престојува во Сирија. Претходно, тој го посетити Ерусалим (10.06.2009). Главен соговорник на американскиот пратеник за Блискиот исток во Ерусалим, беше претседателот на државата и носител на Нобеловата награда за мир, Шимон Перес. Тој му даде поддршка на притисокот од страна на американскиот претседател Барак Обама за заживување на мировниот процес со Палестинците. „Мораме да го фатиме бикот за рогови“, му порача Перес на Џорџ Мичел и додаде:

„Мислам дека дојдовме до точката каде ни‘ се отвора историска шанса и никој нема да може да си прости ако ја пропуштиме. Не знам колку време ќе ни‘ треба, но знам колку е тешко и истовремено колку е важно сето тоа за целиот наш народ, а можеби и за целиот свет“, нагласи нобеловецот Шимон Перес.

Нова динамика

Американскиот претседател Барак Обама внесе невидена динамика во блискоисточниот мировен процес со говорот во Каиро. Притисокот за преземање конкретни чекори е толку голем што новиот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху најави говор во парламентот посветен на темелната ориентација на државата на полето на надворешната политика. Познавачите на израелската политичка сцена очекуваат дека Нетанјаху, в недела пред Кнесетот, дури за првпат јавно ќе се определи за решението „две држави за два народа“.

Пратеникот Џорџ Мичел, во меѓувреме, уште јавно не се изјасни околу плановите на американската администрација за Блискиот исток. Но, доколку се точни информациите што ги објавија два британски весника, тогаш Обама планира склучување мир и создавање две држави веќе до 2011 година. Мичел, во секој случај, ја нагласи јасната определба на Обама набрзо да ги обнови мировните преговори и исто така брзо да ги доведе до конструктивна завршница. „Вложуваме големи напори за постигнување сеопфатен мир на Блискиот исток, вклучувајќи создавање палестинска држава, која што ќе постои во мир и безбедност покрај израелската држава. Претседателот на САД и министерката за надворешни работи јасно ја образложија нашата политика. Израелците и Палестинците носат одговорност за извршувањето на обврските од меѓународниот мировен план“, нагласи Мичел.

Symbolbild Obama Besuch Nahost
Ќе успее ли да ги надмине историските спорови? Обама внесе нова динамика во мировните преговори на Блискиот исток

Се чини дека Американците и Израелците би можеле да се договорат околу темелните принципи на мировниот план, т.н. „Роуд меп“. Дури и десноориентираниот министер за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман, најави согласност со планот на меѓународната заедница. „Нема сомнеж дека станува збор за регионален проблем. Се согласуваме со американскиот став дека треба да се постигне мировен договор со земјите од регионот, не само со Палестинците.“

Забрзување и кај другата страна

Придвижување се забележува и на страната на Палестинците. Калед Машаал, шефот на Политбирото на радикалното движење на Палестинците - Хамас, вчера допатува во Каиро на разговори со шефот на египетските тајни служби Сулејман. Сулејман, пак, разговараше за деталите од мировниот план со американскиот претседател Обама, минатиот четврток.

Автор: Себастијан Енгелбрехт/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска