1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Панеленистичкиот иритатор“ Самарас

Обработка: Зоран Јордановски16 јули 2012

Во Грција Самарас го слават - тој спречи Македонија да се вика Македонија. Во својот стремеж врз македонскиот бран да стане најмоќен политичар во земјата, Самарас погрешно го процени односот на силите, пишува ФАЦ.

https://p.dw.com/p/15YaV
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) на викендот (14/15.07.2012) му посветува подолг текст на сегашниот грчки премиер Антонис Самарас. Откако е изложена неговата семејна генеза, во написот потоа се вели:

„Фактот дека претците на Самарас уште од борбата за независност против османлиите постојано учествуваа во решавањето на судбината на Грците, не објаснува се’, но објаснува по нешто во неговата кариера. На пример, силно изразената историска свест, која е речиси опседнатост“.

Распадот на Југославија и појавата на Македонија како нова држава на северната граница на Грција му даде популарен лајт-мотив на тогашниот министер за надворешни работи, врз кој ќе може да го базира натамошниот подем во кариерата. Согледувајќи ја шансата, тој се врати на позициите на грчкиот национализам, констатира авторот на текстот Михаел Мартенс, па продолжува:

„Тој разгоре страв кај Грците дека би можел да биде загубен северот на нивната земја, кој се наоѓа на линијата на поделба помеѓу елинистичкиот и словенскиот свет. Стравот од алчноста на Русите и Бугарите, подоцна и на Советскиот Сојуз или Југославија, за грчкиот дел на историскиот регион Македонија, беше во 20. век централен (повремено и не сосем неоснован) составен дел на грчкото прикажување на историјата. Сега се чинеше дека кон Грците настапува нов противник: Македонците, кои веќе само и со нивното име направија предавство на грцизмот. Оти, според грчкото толкување, Македонци можат да бидат само потомци на Александар Велики, значи Грците. Самарас го користи мобилизирачкиот потенцијал на тој страв и поведе хистерична кампања против словенските политичари во Скопје. (...) На самитите на Европската заедница Самарас на другите министри за надворешни работи им делеше меморандуми за грчката вистина во грчко-македонскиот спор околу името. На некои од учесниците тој до ден-денес им е во сеќавање како панхеленистички иритатор“.

Тука се пренесени сеќавањата на Јирген Хробох, тогашен политички директор во германското министерство за надворешни работи. Кога во драматична ноќна седница била постигната согласност за признавање на Словенија и Хрватска, од презаморените министри Самарас побарал да се разјасни уште едно прашање - дека Македонија во никој случај не треба да биде признаена под тоа име. „Во тој доцен час и со согласноста пред очи, министрите противно на своето убедување на крај сепак климнаа и за тоа. Во други околности веројатно тоа не би било прифатено“, констатира Хробох.

Во Грција Самарас го слават - тој спречи Македонија да се вика Македонија. Во својот стремеж врз македонскиот бран да стане најмоќен политичар во земјата, Самарас погрешно го процени односот на силите. Во април 1992, откако побара затворање на грчката граница кон Македонија, од премиерот Мицотакис тој беше отпуштен од функцијата министер за надворешни работи“, се вели покрај другото во текстот на ФАЦ.

„Ди Велт“ денеска (16.07.2012) се задржува на влијанието на Брисел во однос на земјите-членки на ЕУ, а повод се актуелните недоразбирања со Романија, како и со Унгарија пред тоа. „Ни италијанската, ниту новата грчка влада не ќе дојдеа на власт без притисок од ЕУ. Тоа, пак, отвора еден принципиелен проблем. Се’ додека поединечните европски држави не ја сфаќаат ЕУ вистински како заедница, таквите мерки граѓаните со право ќе ги сфаќаат како ставање под старателство и експропријација. (...) Од корупција разјадената Романија е добар пример - внатре во ЕУ! - за држава во која не е цврсто етаблирано владеењето на правото. Различни политички сили државата ја гледаат како нивен плен“. А на оние, кои сакаат да и’ стават крај на таквата состојба, им недостигаат инструменти за ефикасно да постапуваат против тоа. „Тие полагаат надеж во европската поврзаност на Романија, значи дека ЕУ, соодветно на своите стандарди, нема да ја прифати практиката на кршење на правото и ќе изнуди промени. „Без договорно утврдената интервенциона сила на ЕУ тие би биле немоќни и уште поизолирани, отколку што и онака се. Лошата страна на поврзаноста со ЕУ е дека силата да се наметне правна држава, не доаѓа од нив. Грижливата заштита од ЕУ навистина може да изнуди одредени стандарди, но не мора безусловно да ги јакне демократските сили во такви држави.

Пример за парадоксалното влијание дава Унгарија. Национално-конзервативаната влада на Виктор Орбан сака да ја стави власта на владејачката партија над институциите. (...) ЕУ тоа не може да го дозволи. Таа постојано изнудува помали или поголеми чекори назад на Орбан. Играта е пинг-понг меѓу Орбан и ЕУ, домашната опозиција притоа не игра никаква решавачка улога. Многу претерано кажано: унгарската опозиција губи од значењето, оти во Брисел има чувар на демократските обичаи“, заклучува „Ди Велт“.