1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паника во Грузија по лажна вест за инвазија

14 март 2010

Една грузиска телевизија вчера предизвика голема паника меѓу граѓаните откако намерно објави лажна вест дека е во тек нова руска инвазија врз Грузија.

https://p.dw.com/p/MSU3
Русите, сепак, не доаѓаат повторно во ГрузијаФотографија: AP

Приватната телевизија Имеди прикажа снимки од судирите меѓу двете земји од август 2008-та година, јавувајќи притоа дека тенкови се на пат за Тбилиси и дека руски авиони ги бомбардираат пристаништата и аеродромите. Дури на крајот на прилогот било објаснето дека веста е лажна и дека телевизијата само сакала да покаже што би можело да се случи. Но тоа очигледно било предоцна.

Локалните медиумите јавуваат дека поради лажните вести, службите за итна помош примиле рекорден број повици. Ургентните центри потврдиле дека голем број граѓани доживеале срцеви удари, а многумина ја изгубиле свеста по вестите за новата руска инвазија.

Во градот Гори, кој најмногу настрада во војната од 2008 година, повеќе стотици граѓани побрзале во продавниците за да се снабдат со неопходни производи за вонредни ситуации. Поради преоптовареноста на мрежите, работата на мобилната телефонија била во прекин.

Официјални претставници на грузиската влада ја осудија постапката на ТВ станицата. Портпарол на претседателот Михаил Сакашвили изјави дека веста морала да биде најавена како лажна, и дека целата постапка била во спротивност со новинарската етика.

Руските воени сили ја нападнаа Грузија во 2008-та година, по обидот на Тбилиси да ја врати власта над отцепената покраина Јужна Осетија, која со поддршка на Москва, претходно прогласи независност. Грузиските сили, обучувани според стандардите на НАТО, претрпеа тежок пораз во кусата едномесечна војна, а притоа многу градови претрпеа голема материјална штета.

Aвтор: БГ/бета/ап

Редактор: Александра Трајковска