1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пападемос по изборите и’ се враќа на науката

Александар Методијев/ројтерс/миа29 април 2012

Грчкиот премиер Лукас Пападемос планира да ја продолжи својата научна кариера по завршувањето на предвремените парламентарни избори, закажани за 6-ти мај.

https://p.dw.com/p/14mhC
Фотографија: Reuters

Член на грчката влада информира дека преодниот премиер Ликас Пападемос ќе се повлече од политиката, затоа што го има осигурано вториот пакет помош за земјата. Јоргос Пагоулатос, шеф на канцеларијата за стратешко планирање при грчката влада, за неделникот „Прото Тема“ изјави дека „Лукас Пападемос беше повикан во итна ситуација за тешка задача, што тој ја исполни“. „Тој има академски задолженија и има намера да им се врати“, изјави Пагоулатос.

Пападемос е професор по економија на Универзитетот во Атина и визитинг професор на Харвард. Од него се очекуваше да се повлече кога ќе се обезбеди финансиската помош за Грција и ќе се одржат изборите.

Поранешниот заменик-претседател не Европската централна банка ја презеде премиерската функција во ноември токму со таква задача – обезбедување на спасувачкиот пакет од 130 милијарди евра и отпишување на дел од грчкиот долг, за да го спречи евентуалниот банкрот на земјата.

Неговата влада ја сочинуваат конзервативната Неа Демократија и социјалистичкиот ПАСОК, кои се единствените две големи партии поддржувачи на финансискиот пакет помош. Од нив се очекува да ја обноват коалицијата по изборите, бидејќи само на тоа се гледа како на опција Грција да продолжи со спроведувањето на реформите и да остане во еврозоната.

Името на Пападемос се појавуваше како потенцијален кандидат за шеф на таквата коалиција, но лидерите на двете партии укажуваа дека тоа не е веројатно да се случи. Адонис Самарас, лидерот на Неа Демократија, изјави дека следниот премиер на Грција треба да биде од редовите на најголемата партија. Евангелос Венизелос од ПАСОК, пак, рече дека на премиерската позиција би преферирал да види политичар.