1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу ги изврши неопходните кадровски промени во владата

17 јуни 2011

Грчкиот премиер Папандреу го предложи новиот состав на владата. Сменет е министерот за финансии Јоргос Папаконстантину, кој беше архитект на спорната програма за штедење. На негово место доаѓа Евангелос Венизелос.

https://p.dw.com/p/11cyU
Идниот министер за финансии на Грција Евангелос ВенизелосФотографија: AP

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу го именуваше досегашниот министер за одбрана Евангелос Венизелос за вице-премиер и министер за финансии, како дел од реконструкцијата на кабинетот.

Венизелос едновреме беше најголем ривал на Папандреу за лидерската функција во ПАСОК откако оваа партија ги загуби изборите во 2007 година.

Досегашниот министер на финансии, Јоргос Папаконстантину, кој беше творец на спорната програма за штедење ќе стане министер за животна средина.

griechische Eu-Parlamentarier Stavros LAMBRINIDIS
Европарламентарецот Ламбринидис ќе биде нов шеф на грчката дипломатијаФотографија: EP

Да се обезбеди поддршка за програмата за штедење

Промени има и во ресорот надворешни работи. На местото на Димитрис Друцас доаѓа европарламентарецот Ставрос Ламбринидис.

За министер за одбрана пак е именуван Панос Бедлитис. Новата влада треба да поднесе заклетва подоцна во текот на денот, а во вторник треба да и‘ биде изгласана доверба во грчкиот парламент.

Папандреу се обидува со промените во владата, која е соочи со отпори од опозицијата, синдикатите и од сопствените редови, да обезбеди поддршка во парламентот за својата спорна програма за штедење.

Владата предложи да се намалат платите, да се зголемат даноците, да се намали бројот на вработени и да се приватизираат јавните компании. На тој начин оваа година треба да се заштедат над шест милијарди евра, што е предуслов да се добие нов кредит од ММФ и европските финансиски институции.

Автор:СН/ ЖА/миа/макфакс/ртр

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи