1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата Бенедикт 16-ти го слави 80-от роденден

Марлиз Шаум / Зоран Јордановски16 април 2007

Како денеска ќе минува прославата и каков беше животниот пат на Јозеф Рацингер?

https://p.dw.com/p/Abxl
Бенедикт 16-ти
Бенедикт 16-тиФотографија: dpa

Папата ќе прими на честитање многубројни делегации во Ватикан, меѓу нив и од неговата родна Баварија. За поглаварот на католичката црква ќе свири симфонискиот оркестар на Зидвеструндфунк од Штутгарт. На роденденскиот ручек се поканети кардинали од целиот свет.

Ватикан официјално прославуваше вчера со големата миса. Папата им се заблагодари 60-ината илјади луѓе на плоштадот Свети Петар, на сите гости и претставници на Католичката црква, со еден лично интониран говор: “Му благодарам на Бога што можев да доживеам што значи семејство, што значи да имаш добар татко, така што зборот Господ од внатре ми беше јасен преку човечкото искуство на добар татко. Му благодарам на Бога што можев да доживеам што значи мајчинска добрина, која му е постојано отворена на секого кој бара прибежиште. Му благодарам на Бога и за сестра ми и брат ми, кои постојано ме придружуваа на големиот пат”.

На 19-ти април пред две години од Ватикан беше објавено: “Драги браќа, драги сестри, Ви ја објавувам големата радост. Имаме Папа. Тоа е почитуваниот кардинал на Светата римска црква Јозеф Рацингер”. Бенедикт 16-ти, името го одбра како Папа, е првиот Германец што дојде на чело на Светата столица за повеќе од 400 години. “Драги браќа и драги сестри, по големиот Папа Јован Павле Втори, господата кардинали ме избраа мене, еден едноставен и скромен работник во лозјето на Бога” – рече Бенедикт 16-ти непосредно по изборот.

Роден е на денешен ден пред 80 години во малиот град Марктл на Ин во Баварија, како најмало од трите деца во семејството на жандарм и готвачка. Крстен беше со осветена велигденска вода. Наводно уште како мал сакал да биде кардинал. По Втората светска војна, како 19-годишен, ги започна студиите по теологија и филозофија. Дипломира, докторира и стана професор во Фрајзинг кај Минхен. Наредни станици му беа Минстер, Тибинген и Регензбург. Набргу стана надбискуп од Минхен, а на 50-годишна возраст и кардинал. 4 години подоцна, во 1981-ва, тогашниот поглавар на Црквата Јован Павле Втори го назначи за префект на конгрегацијата за верата, највисок чувар на верата по самиот Папа. Во 2005-та беше избран за 265-ти Папа во историјата на римокатоличката црква.

Имаше, се разбира, и критичари: многумина го сметаа за крут и недуховит, спротивно на претходникот. Но, тогаш дојде Светскиот ден на католичката младина во Келн, изби еуфорија за новиот Папа. Се чинеше насекаде наоколу е неговото насмеано лице со темни кругови околу очите. Од тука започна да го воодушевува светот.

Подлабока критика поаѓаше од фактот дека како префект на конгрегацијата за верата застапуваше една релативно конзервативна насока. Критичарите во- и надвор од католичката Црква се плашеа од него како тврдолинијаш. Внимателно беше набљудувано како ги креира односите спрема православието, протестантската црква и другите религиозни заедници, пред се’ исламот.

Тука дојде и инцидентната ситуација: лани одржа говор на универзитетот во Регензбург, при што цитираше и делови од Коранот за пророкот Мохамед. Беше жестоко нападнат. Папата сметаше дека цитатот е истргнат од контекстот на кажувањето. Иако тоа беше коригирано, во исламскиот свет Папата за многумина и натаму остана навредувач на пророкот.

Во меѓувреме работите се смирија. Тој се снајде на високата функција, пишува книги – последната денеска се пушта во продажба - и си постави за цел христијанската вера да ја врати кон нејзината срж.