1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата во дијалог со муслимански дипломати

25 септември 2006

Папата Бенедикт 16-ти денеска во летната резиденција Кастел Гандолфо се среќава со амбасадори на исламските земји акредитирани во Ватикан, како и со претставници на исламската заедница во Италија.

https://p.dw.com/p/Adx0
Папата Бенедикт 16-ти
Папата Бенедикт 16-тиФотографија: AP

Тоа е продолжение на дипломатската иницијатива на Ватикан за смирување на револтот во муслиманските земји, што го предизвика еден спорен цитат на Папата за време на неодамнешната посета на Германија.

Вакво нешто до сега во Ватикан не е видено. За прв пат Поглаварот на Католичката црква прима во аудиенција највиски дипломатски претставници на цела група држави. Во Светата Столица меѓутоа не владее одушевување, бидејќи средбата служи за надминување на проблем што Папата самиот го создаде. Дури и оние италијански весници кои му се инаку наклонети на Ватикан, деновиве објавуваат статии во кои се зборува за „најтешката криза„ во понтификатот на Бенедикт 16-ти. Лево либералниот весник „Ла Република„ дури нагласува дека во 2000-те години од создавањето на христијанската црква не се случило Папата, кој според црковните догми се смета за Божји застапник на земјата и со тоа непогрешлив, повеќе пати да изрази жалење за некоја изјава. И за време на генералната аудиенција во средата Бенедикт 16-ти призна дека спорниот цитат од предавањето на Универзитетот во Регенсбург бил несреќно одбран:

„Овој цитат беше за жал соодветен и за погрешно разбирање.„

Каењето и скромноста на Папата од изминатите денови треба да го отвори патот за нов дијалог со исламскиот свет. Дека надеж за такво нешто има, зборува и фактот што поканата за учество на денешната средба во Кастел Гандолфо ја прифатија амбасадорите на сите поважни исламски држави, како Египет, Турција, Иран, Либија и Индонезија.

Шефот на Ватиканскиот совет за дијалог меѓу религиите, кардиналот Пол Пупар спроти денешната средба изрази надеж оти ќе дојде до израз блискоста меѓу христијанството и исламот.

„Сите сакаме да соработуваме како браќа и тоа во длабок дијалог со голем респект и со самокритика.„

Протестите во муслиманските земји делумно се примирија последниве неколку дена, но не се потполно замрени. Така по петочните молитви повторно излегоа илјадници муслимани на улиците на Техеран, Кабул и во Појасот Газа. Ватикан поради тоа се чувствува под притисок на времето за да спречи поголема ескалација, која би можела да резултира и со масовни протести за време на првата посета на Папата на Турција кон крајот на ноември. На викендот Бенедикт 16-ти доби јавна поддршка и од шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, кој ги повика и другите европски лидери да застанат во одбрана на Папата. Но, од друга страна според дел од италијанските медиуми Бенедикт 16-ти е соочен со прв посилен отпор и во сопствените редови. Дел од свештениците на Ватикан, на кои не им се допаднаа некои персонални решенија на новиот Папа, веќе шират гласини за неспособноста на Понтифот за водење светска политика.