1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата во земјата каде сите религии живеат во мир

Дијана Ходали/ Жана Ацеска 14 септември 2012

Либан е земја со најголем број христијани на Блискиот Исток, ги има над 40 проценти, од кои една третина се православни. Од нивните редови доаѓа претседателот, шефот на армијата, значи воопшто не се запоставени.

https://p.dw.com/p/168yh
Фотографија: Reuters

Христијаните во Либан сепак би сакале нивнот глас да се слуша повеќе, особено на Запад. Тие се надеваат дека посетата на папата Бенедикт Шеснаесетти повторно ќе го привлече врз нив вниманието на светската јавност. Папата е во тридневна посета од денеска (14.09). Тој пред посетата на Либан ја нарече земјата „идеално место да му се покаже на светот дека мирниот соживот на религиите не е само илузија“.

Потсетување каде настанало христијанството

„Граѓанската војна предизвика голема штета. Иако е завршена, атмосферата во Либан е напната. Особено се плашат верниците. Но, тој страв напротив придонесува кон зацврстување на нашата вера“, вели свештеникот Антоан Асеф. Со него разговаравме по големата богослужба во катедралата Свети Ѓорѓи во центарот на Бејрут. Сите свештеници во Бејрут се собраа на заедничка богослужба во пресрет на посетата на папата.

St. George Kathedrale in Beirut Libanon
Катедралата Свети ЃорѓиФотографија: DW/D.Hodali

На големо платно беше прикажан животот на папата Бенедикт. Антоан Асеф говореше за страдањата на Исус Христос, но и за неопходноста од заеднички соживот на припадниците од различни религии во Либан. Дванаесет години отецот Асеф ја има својата парохија која се наоѓа среде муслиманскиот дел од градот. Посетата на папата е важна за сите христијани во регионот, вели тој.

„Оваа посета ги потсетува христијаните, но и сите останати луѓе, на географското потекло на христијанството, на Блискиот Исток. Од посетата на папата луѓето очекуваат светот да се сети на Либан и воопшто на Блискиот Исток, каде живеат христијани“.

Арапската пролет

Па сепак, на христијаните во Либан многу им е подобро во однос на оние од бројните други арапски земји. Тие не се потиснувани и учествуваат во политиката. Од нивните редови доаѓаат бројни претставници, на пример, претседателот на Либан, шефот на армијата. Експертот за политика Давад Адра од Институтот за информации во Бејрут вели:

St. George Kathedrale in Beirut Libanon
Отецот Антоан АсефФотографија: DW/D.Hodali

„Не е веќе важно дали некој политичар е шиити, сунит или христијанин. Сите тие се борат за власт. На сите им се потребни сојузници за да го победат противникот. Постојано се менуваат сојузите и алијансите во борбата за власт“.

Христијаните во Либан зад себе имаат тешки времиња, вели отец Асеф, т.н. арапска пролет ги обеспокои христијаните.

„За христијаните тоа воопшто не е пролет. Диктаторскиот режим е сменет, но дојде исламска влада. Што мислат западните политичари? Дали мислат дека новите исламски влади претставуваат опасност или навистина имаат намера да работат на изградба на демократија“?